Хан: Партиските лидери не можат да се договорат за датумот на избори

Еврокомесарот за проширување и за соседска политика, Јоханес Хан, по завршувањето на лидерската средба во Пржино, изјави дека не е постигнат договор затоа што три партии се согласиле предвремените парламентарни избори да се одржат на 24 април, но една партија била против. Хан истакна дека Македонија се наоѓа во многу тешка состојба.

– Земјата е во многу тешка состојба. Она што го видовме во 2015 година продолжува и во 2016 година. Сметам дека Владата, политичката елита и Собранието треба да посветат внимание на оваа многу сериозна ситуација, од која е засегната и економијата на земјата и нејзината евроатланска перспектива. Денеска разбрав дека не е можно да се постигне договор помеѓу сите политички партии за одржување избори на 24 април. Очекувам сите политички партии да се држат до договорот потпишан на 2 јуни, односно 15 јули. Ги уверив сите партии дека европските институции се тука да ѝ помогнат на земјата. Сакам да го уверам секој граѓанин дека без разлика што ќе биде конечната одлука на политичките партии, кога да биде датумот за предвремени избори, ние ќе помогнме во организацијата и дека ќе ја надгледуваме ситуацијата за време на изборите – рече Хан, кој додаде дека не ја исклучува можноста уште еднаш да ја посети Македонија.