fbpx

Проблемот со ѓубрето се претвори во политички натпревар за односи со јавност

Испратени се десетици соопштенија за јавност, се објавуваат фотографии на социјалните мрежи од собирањето на сметот, видеа во живо од обидите за исфрлање на ѓубрето во депонијата „Дрисла“, се организираат прес-конференции, протести и блокади

-

Проблемот со одложување на отпадот во Скопје се претвори во натпревар за односи со јавност меѓу општинските градоначалници и нивните матични партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, како и градоначалничката на Скопје Данела Арсовска.

Ѓубрето од контејнерите во градот не е собрано цел викенд, а од сношти стана главен фокус на медиумите, откако најпрво градоначалникот на општина Центар Горан Герасимовски од редовите на СДСМ, соопшти дека се организираат и самоиницијативно го чистат ѓубрето. Нешто подоцна истото го сторија и скопските градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, предводени од Тимчо Муцунски во Аеродром и Орце Ѓорѓиевски во Кисела Вода.

Испратени се десетици соопштенија за јавност, се објавуваат фотографии на социјалните мрежи од собирањето на сметот, видеа во живо од обидите за исфрлање на ѓубрето во депонијата „Дрисла“, се организираат прес-конференции, протести и блокади.

И покрај сè, контејнерите и утринава осамнаа преполни и прелеани.

Јавното претпријатие депонија „Дрисла“ – Скопје вчера не им дозволи на скопските градоначалници Муцунски и Ѓорѓиевски сметот да го истоварат во депонијата, по што тие го одложија ѓубрето пред влезот.

Од „Дрисла“ утрово информираа дека општините Аеродром и Кисела Вода немаат потпишано договор со нив и оти нивниот договор е истечен во март годинава.

„Се поставува прашањето, каде го фрлале сметот овие две општини во изминатите месеци ако немаат договори со ЈП депонија „Дрисла“ Скопје, единственото предвидено место за одложување на отпад? Дали креирале и колку диви депонии креирале? Колку од дивите депонии кои ги исчисти градот Скопје повторно се претворени во хаос со отпад?, се наведува во соопштението.

Од „Дрисла“ не објаснија зошто не дозволија камионите да влезат, иако градоначалниците во неколку наврати рекоа дека ќе платат за депонирањето на ѓубрето. Во кусо соопштение обвинија дека e креиран сомнеж за извршување кривично дело од нивна страна против животната средина.

Општина Центар, пак, рано наутро започна со чистење на сметот низ општината. Во соопштението на општината се вели дека акцијата се вклучиле речиси сите вработени од комуналната служба во ЈП „ПОЦ“ со целата механизација како и голем камион за кревање на контејнери.

„Покрај собирањето на ѓубрето на терен беше пуштена и цистерната која ги миеше контејнерите и просторот околу нив каде имаше натрупано вреќи со отпад кои предизвикуваат непријатна миризба“, велат од Општина Центар.

 

„Уште рано наутро почнавме со чистење низ цел Центар. Во сите населби има преполни контејнери и дојави од граѓани стигнуваат од секаде. Целата механизација е на терен и очекувам денеска да се исчисти голем дел од општината. Оваа ситуација во која се наоѓаме сите општини не смее да се повтори затоа денеска со сите градоначалници ќе разговараме за одземање на ингеренциите на ЈП „Комунална хигиена”, изјави Герасимовски.

Од СДСМ прстот го вперуваат кон ВМРО-ДПМНЕ и велат дека одговорноста за хаосот е кај Христијан Мицкоски и кадрите на ДПМНЕ во Скопје.

„Неспособните градоначалници на ДПМНЕ во Скопје, со својата неработа и негрижа за потребите на граѓаните се директни соучесници во хаосот со ѓубрето и во нефункционирањето на локалните претпријатија. Истите оние кои ја поддржуваа Арсовска во кампањата, кои заедно со Мицкоски бараа глас од скопјани за неа и за ДПМНЕ, заедно ги создадоа проблемите во Скопје“, велат од СДСМ и додаваат: „Со едно ѓубре не можат ДПМНЕ и нивните неспособни градоначалници да излезат на крај а не градот да се развива“.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, бараат оставка од градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.

„Неспособноста на Арсовска беше закана за масовна зараза во Скопје, градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ и го чистеа ѓубрето. Фрустрациите на Арсовска веројатно одат до таму, што не само е неспособна, туку не може да се носи со фактот што градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ кои управуваат со далеку помали системи на локална организација успеаја да го решат проблемот кој таа го создаде. За фрустрациите и другите состојби на Арсовска и порачуваме, дека не можеме да и помогнеме, за тоа има други институции, но за Скопје е најдобро да си даде оставка, и тоа што побрзо“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Случајот „Комунална хигиена“ на виделина го извади сето ѓубре

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...