fbpx

Приватни фирми ги одржуваат патиштата, „Македонија пат“ со застарена механизација

-

ЈП „Македонија пат“ одвоило над 325 милиони денари на приватни фирми за последните 3 сезони за зимско одржување на патиштата. И покрај тоа што има обврска да ја одржува патната инфраструктура, механизацијата на ова претпријатие е во амортизирана состојба.

„Најитно и неодложно да се даде помош и поддршка во делот на механизација и вработувања, заради ризикот во кој свесно влегуваме за да одговориме на задачите, а притоа не можеме да предвидиме какви ќе бидат последиците и по вработените и (механизација – целосно откажување на истата, без можност за нејзино санирање)“, се наведува во Финансискиот извештај на „Македонија пат“ за последниот квартал од 2018 година.

Како последица на лошата состојба со механизацијата, трошоците за зимско одржување на патиштата растат низ годините. Па така, ЈП „Македонија пат“ во сезоната 2016/2017 година издвоило над 94,2 милиони денари на договори со приватни компании за оваа ставка, една година подоцна таа пораснала на 103,7 милиони денари, за во тековната сезона зимското одржување на патиштата да поскапи на 127,6 милиони денари.

Договорите објавени на Електронскиот систем за јавни набавки покажуваат дека идентични фирми веќе трета година по ред го добиваат ваквиот бизнис. Станува збор за „НБ-Транс Компани“ од Тетово и „Јоскатранс-Трејд“ од Демир Хисар. „ЈА-МИ“ од Кавадарци две години наназад имала склучено договори за патни работи во зимски услови на патиштата. Работните обврски на овие три компании се распределуваат по подружниците на „Македонија пат“ во Штип, Велес, Скопје, Битола и подружницата „Автопати“.

Овие приватни компании, меѓу другото, обезбедуваат механизација за чистење на снегот. На овој начин, „Македонија пат“ ја остварува обврската за зимско одржување на патиштата. Од друга страна, користењето на надворешна механизација неколку години по ред го поставува прашањето во кој обем би се обновил возниот парк на ова јавно претпријатие доколку средствата од 325 милиони денари се пренаменат за набавка на булдожери, камиони, снегочистачи и друга механизација неопходна за зимско одржување на патиштата. „Мета“ испрати барање за одговор на ова прашање до „Македонија пат“, но одговор не добивме до изработката на овој текст. Како што се наведува во Годишниот извештај на „Македонија пат“ за 2017 година, 95,51% од опремата и транспортните средства се амортизирани, што е причина за зголемување на трошоците за работа на ова јавно претпријатие.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Не е точно дека француски трупи пристигнале во украинскиот град Славјанск

Станува збор за некритички пренесена вест од опскурен Телеграм канал „Воена хроника“, непознат во пошироката јавност, а неговата релевантност и кредибилност се под голем знак прашалник. Оваа вест не ја...