Природата страда и во националните паркови, а надвор од нив речиси и да нема никаква заштита

Национален парк Маврово | Фото: Adriaan Castermans, CC BY-SA 3.0, на Викимедија комонс

Природата страда заради климатските промени, но многу повеќе заради човековите активности. Урбанизацијата, фрагментирањето на природните живеалишта, узурпацијата, загрозувањето на дивите видови и многу други активности се постојана закана за биолошката разновидност и природата. Активностите за заштита многупати досега се покажале како недоволни, а надлежните и институциите како недоволно екипирани и подготвени.

Државниот инспекторат за животна средина има само еден инспектор за природа за целата земја, а годинава во процедура е вработување на уште еден. Општините на чии територии се лоцирани заштитените региони немаат ниту одделенија за природа, а националните паркови, иако се самофинансираат, мораат да бараат одобрение од државата за вработувања, па заради обемните административни процедури, немаат ниту биолози, ниту геолози или друг стручен кадар.

Подобрувањето на заштитата на природните богатства во земјава бара промена во делувањето во многу области, но најмногу во примената на законите и обезбедувањето континуирани извори на финансии. Да се формира Агенција или Завод за заштита на природата, како и Фонд за животна средина, кој ќе обезбеди долгорочно и стабилно финансирање на сите проекти, се меѓу првите активниости кои се потребни за правилно насочување на напорите за заштита на природата.

Ова се главните препораки од тркалезната маса во организација на „Еко-свест“ на која денеска се дискутираше за приоритетите во областа на заштитата на природата. Од граѓанската организација го презентираа Нацрт-Патоказот за заштита на природата, во кој се предложени приоритетни мерки кои се наменети да им послужат како поддршка на креаторите на политики, останатите институции и установи, управителите со заштитените подрачја и граѓанските организации.

Според документот, Агенцијата треба да биде стручно и независно тело за креирање политики, мониторинг и усвојување на процедури за кооридинирање на политиките за заштитата на природата. Неопходен е и нов закон за природа кој ќе биде усогласен со европското законодавство и меѓународните конвенции кои земјава ги има ратификувано.

„Новиот закон мора да биде усогласен со правните рамки за шумите, за ловот, за риболовот, за енергетиката, земјоделството, водите или користењето на минерални суровини, на начин на кој ќе се стави акцент за заштитата на природата. Само на тој начин ќе се заштити биолошката разновидност“, посочуваат од „Еко свест“.

И прогласувањето на заштитени подрачја не секогаш значи и соодветна грижа за природата. Плановите за управување не секогаш се почитуваат, а и постапките за репрогласување на заштитените подрачја се многу долги и неефикасни. Тоа резултура со слаба заштита на билошката разновидност дури и на заштитените територии, а надвор од нив како и да ја нема.

„Дури и онаму каде што има заштитени подрачја не секаде има назначено управувачки структури, или, пак управувањето не се врши според предвидениот план. Постојат и предлози за нови заштитени подрачја кои не се прогласени, а немаме ниту Национална мрежа“, нагласуваат експертите.