Прилепските средни училишта ги промовираа можностите што ги нуди стручното образование

Извор на фотографија: Министерство за образование и наука

Прилепските средни стручни училишта денеска ги отворија вратите за идните средношколци, со цел нивно запознавање со придобивките и можностите кои ги нуди стручното образование, информираат од Министерството за образование и наука. Активностите се дел од кампањата „Учи паметно, работи стручно“ на Министерството за образование и наука, која се спроведува со поддршка на Швајцарската амбасада во Скопје.

Средните училишта „Ѓорче Петров“, „Орде Чопела“, „Ристе Ристески – Ричко“ и „Кузман Јосифовски – Питу“ согласно конкурсот за упис во средно образование во учебната 2021/2022 година имаат на располагање вкупно 1.059 слободни места со кои треба да се оформат 33 паралелки.

„Учениците можат да одберат една од понудените струки – машинска, електротехничка, сообраќајна, графичка струка, економско – правна и трговска струка, лични услуги, здравствена, хемиско – технолошка струка, градежно – геодетска, земјоделско – ветеринарна, геолошко  – рударска и металуршка струка, шумарско – дрвопреработувачка струка и текстилно – кожарска струка“, велат од Министерството за образование и наука.

Во поголемиот дел од струките е воведен концептот на дуално образование, кој се спроведува во партнерство на училиштата со локални компании и кој подразбира повеќе практична настава за учениците директно на работно место, а помалку изучување теорија, што пак, овозможува стекнување на квалитетни и потребни вештини за обезбедување на соодветен работен ангажман веднаш по формализација на средното образование, но и добра основа за понатамошна високообразовна надградба.

Од МОН велат дека од годинава ја менуваат и политиката за стипендирање на средношколците, како дополнителна стимулација за идните средношколци да го одбираат стручното образование.

„Сите ученици кои ќе се запишат во средно стручно училиште имаат можност да аплицираат за стипендија и тоа во вредност од 3.500 денари за 9 месеци во годината, доколку ученикот е дел од дуална паралелка, односно 2.200 денари за 9 месеци во годината, доколку ученикот е запишан во струка која е дефицитарна, како угостителско – туристичка струка, машинска, електротехничка и други дефинирани со конкурсот кој ќе биде објавен вообичаено во третиот квартал од календарската година“, информираат од МОН.