fbpx

Пријава за злоупотреба на лични податоци: користеле слики од доктори за онлајн продажба на чаеви

Станува збор за чаевите против паразити, преку чие рекламирање се злоупотребуваа ликови на познати медицински лица од земјава. „Вистиномер“ во повеќе наврати пишуваше за овој вид манипулации со јавноста

-

Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против 34-годишно лице и фирма за злоупотреба на лични податоци. Обвинетиот 34-годишник, како одговорно лице во фирмата, во периодот од ноември 2022 до април 2023 година, спротивно на Законот за заштита на лични податоци, без согласност на тројца оштетени лекари, ги користел нивните лични податоци – слика, име и презиме за онлајн продажба на два производа.

Обвинителството до надлежниот суд поднело Предлог за издавање казнен налог.

Имено, станува збор за чај против паразити, преку чие рекламирање се злоупотребуваа ликови на познати медицински лица од земјава. „Вистиномер“ во повеќе наврати пишуваше за овој вид манипулации со јавноста.

Според обвинителството, личните податоци на секој од оштетените лекари биле злоупотребени како тие со својот професионален авторитет да ги рекламираат и препорачуваат чаевите Паразол (Parazol) и Хипертеа (Hypertea), кои на територијата на државава ги увезувало и дистрибуирало обвинетото правно лице.

„Лажните интервјуа и постови, преземани и споделувани на повеќе веб страници и социјални мрежи, со здравствени тврдења и лажни медицински препораки за овие производи кои оштетените никогаш не ги дале, обвинетиот ги искористил за незаконита обработка на личните податоци и директен маркетинг“, велат од обвинителството.

Надлежниот јавен обвинител му предложил на судот да ги огласи за виновни и одговорното лице да го казни со единствена парична казна од 70 дневни глоби со висина на дневната глоба од 30 евра во денарска противвредност, а правното лице да го казни со единствена казна од 300.000 денари.

Согласно предлогот на обвинителството, обвинетите по пресудата ќе треба да ги надоместат трошоците на постапката, а секој од оштетените лекари ќе има можност во граѓанска постапка да си го оствари своето имотно-правно побарување за нанесената штета со злоупотребата на личните податоци.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Матура ќе се полага вo училишни холови, за да не се случи тестаторот да го нема, а учениците да прават селфи

Oколу 600 матуранти од средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“ викендов полагаа пробна државна матура. Тие пишуваа есеј кој е задолжителен дел од испитот по мајчин јазик, а импровизираното полагање...