Претставите „My Name is Medeja“ и „Чудна случка со кучето во ноќта“ доминираа на „Војдан Чернодрински“

Сите награди на лауреатите ќе им бидат врачени вечерва во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, со што ќе се заокружи годинешното издание на театарскиот фестивал

фото: Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“

Претставата „My Name is Medeja“ во изведба на Народниот театар од Битола ја доби наградата за уметничко остварување во целина на 57-то издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.

Меѓународното жири во состав Јанко Љумовиќ, Милош Љумовиќ и Мирослав Мики Радоњиќ доделија вкупно 15 награди, при што не е доделена наградата за текст.

Претставата „My Name is Medeja“ на Народниот театар од Битола ги доби и наградите за рекламен материјал – Сашо Илковски, за музика – Драго Ивануша, за главна женска улога – Илина Чоревска и за најдобра режија – Себастијан Хорват.

Уметничкиот директор Љумовиќ истакна дека „My Name is Medeja“ и „Чудна случка со кучето во ноќта“ се издвојувале по својата естетика и по истражувачкиот театар што го има во нив. На театарските менаџери им порачаа повеќе да се фокусираат на домашната драма.

„Естетските и уметничките квалитети на претставата на Битолскиот театар, и ставот на режисерот Хорват кој влегува во проблемите на современоста се нешто импресивно кои ја означуваат мисијата на театарот денес. Денешниот театар ја промислува современоста преку стварноста. Очигледно има две претстави кои се издвојуваат. Тие претстави покажуваат високо постигнат уметнички резултат, ансамблите исклучително го изнесоа режисерскиот концепт“, рече Љумовиќ.

Претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ во режија на Зоја Бузалковска ги доби наградите за кореографија и сценски движења – Симон Симоновски, за костимографија – Елена Вангеловска и Раде Василев, за сценографија – Константин Трпеноски, за најдобра женска епизодна улога – Емилија Мицевска за улогата на Џуд и главна машка улога – Дамјан Цветановски за улогата на Кристофер Бун.

Наградата за современа сценска драматизација ја доби Лидија Митоска-Ѓоргиевска за „Мистерија Буфо“.

Наградата за млад актер „Трајко Чоревски“ ја доби Хакан Даци за улогата на Катуриан во претставата „Човек перница“ во изведба на Турскиот театар од Скопје, копродукција со „Машина продакшн“ и „Пик продукција“. За истата претстава, за улогата на Микаил, актерот Дин Ибрахим ја доби наградата за најдобра машка епизодна улога. Наградата за млада актерка ја доби Матеа Јанковска за Роња во „Роња, ќерката на ограбувачот“ на Театарот за деца и младинци од Скопје.

Сите награди на лауреатите ќе им бидат врачени вечерва во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, а во нивна чест, Српскиот народен театар од Нови Сад ќе ја изведе претставата „Последниот балкански вампир“ од Дејан Дуковски, во режија на Александар Поповски. Со изведбата на оваа претстава ќе се затвори годинешното издание на фестивалот „Војдан Чернодрински“.