Фото: Кабинет на претседателот Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски по синоќешниот инцидент кај плоштадот „Скендербег“ утрово испрати соопштение во кое наведува дека е неприфатливо користење на насилство и поттикнување насилство во политички цели.

„Настанот кој се случи вчера во Скопје не смее да се повтори бидејќи нема ништо позначајно од мирот и безбедноста на сите граѓани“, се наведува во соопштението испратено од претседателскиот кабинет.

Пендаровски упати апел до организаторите на протестите кои овие денови се одвиваат во земјава, да преземат одговорност и нивното демократско право да протестираат да продолжат да го практикуваат достоинствено и без насилство.

„Истовремено најостро го осудувам носењето и користењето на огнено оружје од цивили и граѓани на земјава, кои не се припадници на органите за безбедност. Вчера полицијата имаше навремена реакција која спречи поголеми судири. Очекувам сите лица кои вчера беа инволвирани во инцидентот да бидат приведени и соодветно санкционирани во најкус можен рок“, вели претседателот Пендаровски.

На вчерашните протести се случи инцидент кај плоштадот „Скендербег“ на влезот во Старата скопска чаршија, при што се судрија група на граѓани кои меѓусебно си разменија камења и шишиња, а имаше и пукање од огнено оружје, со обид да се инсценира меѓуетнички инцидент.

Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ и утрово преку соопштение ги повика граѓаните да учествуваат на вечерашниот протест од 19 часот, којшто ќе започне пред владиното седиште, и со изменета рута преку Министерството за правда, ќе продолжи до Собранието на РСМ.

По синоќешниот инцидент, денеска е променета маршрутата на протестот

Напишете коментар