fbpx

Инцидент помеѓу Македонци и Албанци во Скопје, повеќе истрели од огнено оружје

-

Повеќе истрели од огнено оружје, фрлање со камења и со шишиња, како и вербално и физично насилство се случи вечерва за време на одржувањето на протестот против прифаќањето на Европскиот предлог за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски обвини дека станува збор за полициска монтажа и обид за негов атентат додека од владеjачкиот Социјал-демократски сојуз посочија дека самиот Мицкоски и неговите коалициони партнери се режисери на инцидентот. Од Министерството за внатрешни работи демантираа дека не рагирале благовремено и објавија видео како спречуваат ескалација.

„Полциска монтажа со цел убиство на некој недолжен граѓанин, мајка со дете, пензионер, млад човек или мое убиство“. Вака самиот Мицкоски на вонредна прес-конференција го коментираше инцидентот кај плоштадот Скендербег, на влезот во Старата скопска чаршија, во центарот на Скопје. Тој веднаш по инцидентот на социјалната мрежа Фејсбук објави фотографија од повеќе лица од кои еден држи пиштол во раката и напиша дека тоа е човекот што требало да го убие него денеска.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вонредната прес-конференција, 06.07.2022 г. | Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Во одговор на новинарско прашање на прес-конференцијата Мицкоски рече оти е нормално секој родител и сопруг да се плаши за своето семејство или да биде загрижен.

„Јас не се плашам, но сум загрижен. Страв имам од еден, а тоа е од Господ. Такви нема на Земјава“, рече лидерот на опозицијата.

Тој повика на ладна глава и смиреност, додавајќи оти ова требало да личи на меѓуетнички конфликт, а всушност не било ништо повеќе од борба за власт, фотељи и функции на партиите кои се дел од Владата.

„Ова нема врска со меѓуетничка нетрпеливост, туку единствено борба за гола власт. Меѓу другото, подолго време добивам неформални информации кои говорат за моја елиминација која ја нарачува власта“, објасни Мицкоски додавајќи дека вечерва имало најмалку две лица со огнено оружје кои биле подготвени да му извршат атентат.

Како што додаде тој, полицијата ја немало на потребното место обвинувајќи дека ваквото сценарио го најавила власта поточно министерот за надворешни работи, Бујар Османи, премиерот Димитар Ковачевски и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Прашан за тоа дека човекот кој го посочува како договорен од власта да предизвика инциденти или да изврши атентат е всушност дел од опозицијата, односно активист на Алијанса за Албанците и коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ во локалната власт, Мицкоски рече дека тоа не го интересира и побара да не се политизира работата.

„Реков да не ја политизираме работата. Најмалку што ни е потребно денеска е да ја политизираме работата. Денеска јас не зборувам со политички речник туку со човечки. Упатив порака за обединување, да бидеме над политиката, и да бидеме над оние политичари што повикуваа за меѓуетнички тензии во Македонија по диктат доколку тоа што тие го замислиле не помине. Дали е член или не е тоа не ме интересира“, одговори Мицкоски.

Веднаш по прес-конференцијата на лидерот на опозицијата со соопштение излезе и Министерството за внатрешни работи од каде ги демантираа неговите тврдења.

„МВР целосно ги демантира тврдењата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека полицијата не била присутна и не реагирала при инцидентот кај споменикот Скендербег“, соопштија од МВР.

Оттаму додаваат дека полицијата била на лице место, во истиот момент реагирала и го спречила насилството, а едно лице веднаш било приведено кое е осомничено за пукање од огнено оружје.

„За време на протестите полицијата е целосно на ниво на задачата и апелираме партиите да престанат да со дезинформации“, соопшти МВР.

Прес-конференција одржа и портпаролот на СДСМ, Дарко Кевски кој смета оти во овој случај, Мицкоски не е жртва туку токму тој стои зад вечерашниот инцидент со цел заедно со неговите коалициони партнери да предизвикаат меѓуетнички тензии.

„Mицкоски не е никаква жртва, туку е режисер на крваво сценарио заедно со неговите коалициски партнери Левица и Алијанса за Албанците. Крваво сценарио кое не успеа. Мицкоски не беше мета, туку вечерва ја одигра најлошата улога за државата и граѓаните. Срамно, страшно и опасно е однесувањето на опозицијата која настојува да предизвика меѓуетнички тензии“, изјави Каевски.

Портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски, 06.07.2022 г. | Фото: СДСМ

Тој потоа додаде дека приведениот вооружен напаѓач, всушност бил брат на директорот на ЈП Комунална хигиена, Зуди Енузи Кока, претседател на чаирскиот огранок на Алијанса за Албанците, коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ во локалната градска власт во Скопје.

По прес-конференцијата на СДСМ, градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска соопшти дека и покрај одличното и професионално менаџирање го разрешува в.д. директорот на ЈП Комунална хигиена Зуди Енузи, кој наводно е брат на лицето кое пукаше со пиштол во воздух кај плоштадот Скендербег.

„Градот Скопје како град на соживот и солидарност не смее да биде центар на насилство и пресметки со огнено оружје и креирање меѓуетнички тензии меѓу нашите сограѓани. Политиката зема замав и во ниту еден случај не смее да влијае на професионалноста на водењето на институциите“, соопшти градоначалничката Арсовска.

Како што додаде  таа, и покрај одличното и професионално менаџирање со јавното претпријатие Комунална Хигиена од страна на Зуди Енузи, сепак нејзиниот етички кодекс не дозволувал тој да продолжи да раководи со претпријатието.

„Затоа истиот е разрешен од позицијата вршител на должност“, вели Арсовска.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...