ФООМ: Повиците за „чиста Македонија“ се основа за влошување на меѓуетничките односи

Фондацијата Отворено општество – Македонија ги следи состојбите кои ескалираа со немири пред Владата, Собранието и Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија и изразува сериозна загриженост за ескалацијата на омраза на етничка основа, соопштуваат оттаму.

„Насилството и омразата која беше забележана изминативе денови на протестите, преку повиците за „чиста Македонија“, поттикната од говорите на протестантите, претставува основа за влошување на кревките меѓуетнички односи во државата. Ние веруваме дека мултиетничката разновидност во државата е нашата сила и можност за просперитет и затоа очекуваме од организаторите на протестите и нивните поддржувачи да покажат на дело дека ги прифаќаат вредностите за признавање на различностите и мултикултурализмот, и заради кои различните култури, јазици и обичаи нè прават побогати и подобри“, велат во Фондацијата.

Оттаму сметаат дека мирните протести се основа на демократијата. Очекуваат од институциите итно да ги преземат потребните мерки и активности за спречување на понатамошна ескалација на насилството и санкционирање на иницијаторите, поддржувачите и извршителите на вчерашните настани.

„Ги повикуваме политичките партии и политичарите кои ги поддржуваат протестите на кои беше демонстрирано насилство врз полицијата и говор на омраза, да се издигнат над своите партиско-политички интереси за краткорочни политички цели и да запрат со националистичката пропаганда која единствено резултира со нарушување на јавниот ред и мир и загрозување на безбедноста на државата“, наведено е во соопштението на Фондацијата Отворено општество – Македонија.