Претпремиера на филмот „Gipsy Queen“ утре на Школка

Постер за филмот

Филмот „Gipsy Queen“, кој ја раскажува приказната на мајка Ромка што преку боксерска кариера се обидува да обезбеди подобар живот за своите деца, ќе биде претпремиерно прикажан утре во 20:30 часот на Школка во Градскиот парк – Скопје.

„Али е жена, мајка со лавовско срце која работи како чистачка во познат ноќен клуб во Хамбург. Но, и покрај нејзината сила да се бори за подобар живот на своите две деца, Али носи рана во своето срце. Една вечер Али открива боксерски ринг кој и враќа безброј спомени од нејзината младост. Нејзиниот талент во боксерскиот ринг е повторно откриен а тоа и буди нова надеж за подобар живот…но, по која цена?“, се вели во описот за филмот.

Али ја толкува ромската актерка Алина Сербан која воедно е првата жена Ромка театарски и филмски режисер од Романија. Таа е добитник на наградата за најдобра актерка на German Actor Guild Awards 2020.

Филмот е добитник на неколку награди во категорија „Најдобар филм“ на европско ниво.

По проекцијата ќе има отворена дискусија на која присутните ќе имаат можност да поставуваат прашања.

Настанот е во организација на Институтот Ромалитико. Оттаму инофрмираат дека за време на настанот ќе има и донаторска акција каде секој од присутните ќе има можност да донира за две одделни акции.