Во борбата против Ковид-19, на првата линија на фронтот се здравствените работници. Персоналот во ординациите, амбулантите и болниците, вклучително и лицата вработени во Брза помош, секојдневно се изложуваат на ризик од заболување, жртвувајќи се себеси со цел да им помогнат на пациентите и да спасуваат животи.

По повод 12 Мај – Меѓународниот ден на медицинските сестри, но и на 200 годишнината од раѓањето на Флоренс Најтингејл основовоположничка на сестринството како професија, „Мета“ поразговара со неколку медицински сестри кои раскажаа за нивното досегашното искуство, како и за предизвиците со кои се соочуваат изминатиов период откако трае пандемијата.

Аријета Фета, која работи во ординацијата „Медико Марија“ во Чаир, вели дека иако најголем број од нејзините пациентите се дечиња, сепак постои ризик. И покрај тоа што редовно користи маски и ракавици и постојано врши дезинфекција, таа се плаши дека може да се зарази.

„Јас имам дома две мали деца, но и живеам во заедница со повозрасни луѓе, па исклучително внимавам. Ние сме секој ден во контакт со луѓе, малку е стресен периодов“, вели сестра Фета.

Таа додава дека ги советуваат пациентите да доаѓаат во ординацијата само ако е итно, а за другото да зборуваат на телефон со докторката.

„Тешко е, но мора да се издржи“, заклучува Фета.

Нејзината колешка Славица Гајдова е патронажна сестра во Здравствен дом Велес, ангажирана преки владиниот проект за патронажни сестри. Вели дека во нормални услови одат кај родилките дома да им помогнат, но во овој период комуницираат со нив телефонски или онлајн.

„Ако е нешто итно, тогаш одиме дома. Имаме заштитна опрема и она што е потребно за на терен, но досега имаме добра соработка со родителите“, вели сестра Гајдова додавајќи дека избегнуваат контакт со родилките за да ги заштитат нив и бебињата.

Според нејзиното искуство, исплашени се и самите родители и постојано прашуваат како да се заштитат себеси и бебињата.

„Ние ги советуваме да се изолираат, а ако другиот родител работи, да избегнува контакти со многу луѓе, вели Гајдова.

Таа посочува дека во овој период комуникацијата со пациентите во голем дел се одвива онлајн затоа што навистина е ризик да се оди дома кај луѓето.

„Најчесто мајките бараат совети околу доењето, па им праќаме фотографии или видео-снимки на кои е прикажано како правилно да го држат бебето, како да ја постават градата за да се воспостави правилно доење“, вели Гајдова. „Целата ситуација е стресна и напорна за сите, луѓето се оправдано исплашени и си внимаваат“, додава таа.

Гордана Бишлиоска | Фото: Здружение „За Нас“

Гордана Бешлиоска, претседателката на Здружението „За нас“ кое ја предводи Унијата на медицински сестри, акушерки и стоматолошки сестри, вели дека не е потребно само пандемија за да се зборува за ризиците на работните места на сестрите.

„Овие ризици ги имаме и во мирнодопски услови во кои си ја рботиме професијата“ потенцира Бешлиоска. Таа додава дека сега има повисоко ниво на безбедност и протоколи според кои на сите пациенти се гледа како условно заразени.

„Зборував неодамна со една од сестрите од Брза помош, ми кажа дека е преморена. Многу им е напнато, уморни се од контиунираноста на активностите, немаат време за себе и многу брзо им доаѓа редот во ротацијата“, вели Бешлиоска.

Да се биде во оваа профeсија, додава таа, потребна е храброст. Но, како што вели, и во ситуации кога има премногу работа, сестрите не се откажуваат.

„Ние сме хумани и не разбираме дали во моментот е пандемија или епидемија. Периодов се работи под стрес, но за да се работи оваа работа мора да имате чувство на емпатија“, потенцира сестра Бешлиоска.

Според неа, за да се работи оваа професија потребно е да се има лични карактеристики „на вистинска личност, мора да сте човек пред сè и тоа да го вгнездите во професионалниот дел“.

Сестра Бешлиоска потсетува дека Свестката здравствена организација ја прогласи 2020 за година на сестринството и акушерството токму по повод 200 годишнината од раѓањето на Флоренс Најтингејл кое се одбележува на денешен ден.

Инаку, денешниот Меѓународен ден на сестринството е востановен на овој ден во чест на британката Најтингел, која се смета како основачката на сестринството и негата.

Во својата работа, Најтингел се истакнала за време на Кримската војна, каде што се грижела за ранетите војници. Била нарекувана „госпоѓата со ламбата“, затоа што ноќе ги проверувала пациентите.

Малку е познато во јавноста дека Најтингејл, покрај тоа што е основоположник на сестринството како професија, била и исклучително талентиран статистичар и меѓу првите луѓе во светот кои користеле визуелизации на податоци.

Така, познат е нејзиниот дијаграм преку кои ги убедила британските власти да инвестираат повеќе во хигиената во воените болници. „Дијаграмот со причините за смртност кај армијата на Истокот“ е испратен во рамки на извештај за Кралицата Викторија во 1858 година.

Дијаграмот на Флоренс Најтингејл изработен во 1858 година кој го илустрира големиот број на смртни случаи кај британската војска како резултат на болест која може да се спречи. Фото: commons.wikimedia.org

Во него е означен бројот на смртни слуачи кај војниците како резултат на болест која можела да се спречи (сина боја), потоа смртни случаи како резултат на прострелни рани (црвена боја) и смртни случаи од други причини (црна боја).

Идејата на Најтингејл била дека ако се води повеќе грижа за хигиената и третманот на војниците може да се избегнат најголем дел од смртните случаи, што се покажало точно во пракса.