Пратениците од СДСМ ќе гласаат против зголемувањето на платите на вицепремиерите, кога точката ќе дојде на дневен ред, порача Костадин Костадинов, пратеник и портпарол на СДСМ, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата во Собранието.
Прашан зошто се спротивставиле на предлогот точката целосно да се исфрли, тој рече оти тоа го направиле за да имаат можност да гласаат против Предлог-законот за изменување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија.
– Секако го одбивме барањето за повлекување од дневен ред на точката поврзана за платите на вицепремиерите од причина што ставот на пратеничката група на СДСМ и коалицијата дека поддржување на дополнителни бенефиции за вицепремиери нема да има. Значи ќе гласаме против оваа точка, тоа ќе го докажеме и со самото гласање кога точката ќе дојде на дневен ред – рече Костадинов.
Тој смета дека бенефиции би требало има само за граѓаните.
– Дополнителни бенефиции за функционерите не се потребни, бенефиции ќе има исклучиво за граѓаните, тоа е јасна определба на СДСМ и коалицијата рече портпаролот на СДСМ.