Најпознатата интернет енциклопедија на денешнината, Википедија, од ратификувањето на Преспанскиот договор во грчкиот парламент во петокот, за само два-три часа почна да менува некои статии на англиски јазик во кои се користи името Македонија. На местото на „Македонија“ веднаш се пишуваше „Северна Македонија“ (North Macedonia) Но потоа набргу со интервенции на некои од уредниците на верзијата на англиски јазик, статиите се враќаа на старо.
Така, името Северна Македонија го замени Македонија во главната статија за Македонија, но од последното уредување од 9.42 часот по македонско време вчера, повторно насловот гласи Republic of Macedonia (Република Македонија).
Креирана е и страница Republic of North Macedonia, но таа сега само пренасочува кон погоре наведената статија.
Една од првите промени направени уште во петокот вечерта беше на заглавјето на англиски за Ракометната федерација на Македонија беше напишано Handball Federation of North Macedonia, но потоа е вратен стариот наслов Macedonian Handbal Federation.
Пребарувањето попладнево најде само неколку статии каде се користи Северна Македонија како официјално име, но во текстовите, а не во насловите. Така, заглавјето за Илинден, каде се всушност поставени линковите за различни други статии во кои се споменува Илинден, во делот Geographic locations наведува North Macedonia, додека над него, во делот Events, Republic of Macedonia.
Во статијата за филмови од Македонија, во насловот се користи Република Македонија, но на самиот почеток се наведува дека се однесува на филмови снимани или продуцирани на територијата на денешна Република Северна Македонија, со линк кон погореспоменатото заглавје за Северна Македонија, по што Википедија веднаш пренасочува на заглавјето Republic of Macedonia. Дополнително, во помалку важни статии, се уште стои Северна Македонија, на пример во статијата за Давор Талески, голман на фудбалскиот клуб АЕЛ од Лариса, Грција, пишува дека е „a Northern Macedonian professional footballer“ (северномакедонски професионален фудбалер).
Во разговор со уредници на македонската верзија на Википедија, која има многу помалку статии од англиската, дознавме дека промени на Macedonia во North Macedonia имало неколку во изминатиот период.
– Сега не знаеме што се случува, оти ние работиме на македонската верзија, но знам дека имаше дискусија уште пред неколку недели и тогаш се постигна некаков заклучок да се остават имињата во сегашната форма, а кога ќе има официјални промени, тогаш да се внесат – вели уредничката Снежана Штрковска.
Истото го посочи и Марио Шаревски, проектен раководител на „Споделено знаење – Викимедија Македонија“, здружението кое работи на македонската верзија на Википедија. Тој го наведе примерот со двајца Бугари, кои претходно уредувале и статии од македонската верзија, но потоа биле исклучени од неа.
– Такви измени на англиската и на германската верзија пред некое правеа двајца уредници Бугари, но набргу потоа се постигна консензус на уредниците на тие јазични верзии дека тие промени мора да се избришат и да се користи Република Македонија се до официјалната промена на името. Мислам дека на англиската верзија така ќе биде се додека официјално не се објави за промена на името – за „Мета“ објасни Шаревски.
Википедија е слободна енциклопедија, каде секој може да пишува статии, но тие подлежат на контрола и исправки од уредниците, кои доаѓаат од редот на поактивните пишувачи и луѓе што во заедницата Википедија се истакнале со својот ангажман и етичност.