Постои можност за санкции за училиштата кои нема да ги почитуваат протоколите, вели Царовска

Фото: Арбнора Мемети

По неодамнешната најава на директорот на средно училиште во Дебар дека ќе организира настава со физичко присуство иако нема одобрение за тоа, министерката за образование и наука, Мила Царовска денеска изјави дека има начини за санкционирање за оние кои нема да ги почитуваат донесените одлуки.

„Постојат можности за санкционирање согласно законот. Одлуките на Владата се јасни и тие мора да се почитуваат затоа што се во интерес на јавното здравје на населението. Јас разговарав со градоначалникот, тоа е поедин став на директорот и градоначалникот потврдува дека прием на ученици со физичко присуство во таа гимназија нема да се случи, туку дека ќе се почитува одлуката на Владата“ потенцираше Царовска.

Таа додаде дека во моментов нема целосен бојкот во ниту едно училиште, туку само одделни ученици ја бојкотираат наставата, за што таа е сигурна дека сите полека ќе се прилагодат на новата одлука.

Вчера министерката истакна дека најавата за бојкот или нарушувањето на протоколите во училиштата е неконструктивен начин на надминување на корона кризата.

Утрово Министерството за здравство упати апел до учениците да ги почитуваат протоколите бидејќи како што потенцираа оттаму, епидемиолошката состојба е сериозна.