Царовска: Најавата за бојкот на онлајн наставата е неодговорна

Фото: Арбнора Мемети

Најавувањето на бојкот или нарушувањето на протоколите во училиштата е неконструктивен начин на надминување на корона кризата. Сметам дека секој од нас е одговорен за јавното здравје. Ако некој директно и свесно го нарушува здравјето на другиот тоа е прекршување на Уставот, изјави министерката за образование и наука, Мила Царовска при денешната посета на училиштата во општина Бутел, каде беше заедно со градоначалникот на општината, Велимир Смилевски.

„Секој од нас треба да се справува на конструктивен начин. Епидемиолошките служби и комисиите не решаваат дали некое училиште ќе се отвори или нема да се отвори затоа што сакаат, туку основа на аргументација затоа што сметаат дека постои ризик за нарушување на здравјето на целото население“ појасни министерката.

Како што истакна таа, ако епидемиолошката состојба се менува на позитивно, тогаш нема да има некој што ќе застане против отворање на училиштата со цел да се организира настава со физичко присуство.

„Ако состојбата е ваква или полоша, тогаш ќе размислуваме за други прашања коишто ни се важни се со цел да го заштитиме јавното здравје, притоа да обезбедиме континуитет на наставата на начин којшто е безбеден во тој момент“ додаде Царовска.

Вчера стотици ученици од сите средни училишта на територијата на Општина Тетово се собраа на едно место, не за да го прослават почетокот на учебната година, туку за да протестираат против онлајн учењето, објави порталот на албански јазик „Порталб.мк“.

Еден ден пред почетокот на учебната година, Сојузот на средношколци побара учениците да се вратат во училиштата ако за еден месец се подобри ситуацијата со корона вирусот.