Училиштата и учениците да ги почитуваат препораките на Комисијата за заразни болести и одлуката на владината комисија за начинот на одржување на наставата. Апелираме на максимална сериозност и соработка од сите граѓани, пред нас е период во кој сите мора да бидат максимално внимателни, посочуваат од Мининстерството за здравство, по најавите на учениците дека ќе почнат да одат во училиштата, со цел одржување настава со физичко присуство.
„Најавите за бојкот на онлајн наставата и непочитување на протоколите е недозволиво и го отежнуваат целокупниот процес на справување со корона кризата. Сите одлуки кои ги носи комисијата се интерес на заштита на здравјето на учениците, наставниците и родителите. Доследното почитување на мерките и протоколите во сите сфери, вклучително и образованието, може да придонесе состојбата со епидемијата што поскоро да се стабилизира. Стабилна епидемиолошка состојба ќе овозможи да се зголеми бројката на деца кои би ја следеле наставата со физичко присуство“ велат од ресорното министерство.
Оттаму потенцираат дека препораките на Комисијата за заразни болести кои се однесуваат на почетокот на наставно-образовниот процес во оваа учебна година се темелат на анализи на актуелната епидемиолошка состојба и проекциите за можно влошување на состојбата со почетокот на есента.
Вчера министерот за здравство, Венко Филипче информираше дека на консултативната средба со Комисијата за заразни болести е договорено да се направи детална анализа на епидемиолошките податоци од прашалниците за да се утврди точно начинот на трансмисија на вирусот во повеќе општини, односно градови во државата.
„Врз основа на тоа ќе заземеме став дали се потребни некакви мерки кои што би ги препорачале понатаму до Владата. Уште еднаш апелирам до сите граѓани да се почитуваат мерки. Очигледно дека сме пред почеток на една новонастаната есенска ситуација, којашто ја очекувавме. Ќе има дополнителни мерки доколку има зголемен број на заразени. Но, точната анализа на епидемиолошките прашалници ќе ни укаже на тоа која од мерките треба да ја препорачаме и во кој временски период“ изјави министерот Филипче.
И министерката за образование и наука, Мила Царовска истакна дека најавата за бојкот или нарушувањето на протоколите во училиштата е неконструктивен начин на надминување на корона кризата.