Портрети на уметници и креатори на културната политика ќе украсат фасади на згради на „Рузвелтова“

Во центарот на Скопје, на фасадите на зградите на ул. Рузвелтова 44a – 46а, 130, црно-бели портрети на уметници, културни работници и креатори на културна политика, или поддржувачи на културната сцена ќе го свртат вниманието на општата јавност кон културата и уметноста, како неискористен потенцијал на општеството. Акцијата е македонскиот дел на глобалната платформа „Inside Out“, именувана „Нека светлината од уметникот се одрази врз целата заедница“, со цел да пренесе неискажани ставови на домашните културни дејци.

Скопската „Inside Out“ започнува денеска и ќе трае следните два месеци. Дел од проектот и е создавање на документарен филм.

„Акцијата порачува дека ако не ги поддржиме уметниците, ќе продолжиме да го жртвуваме креативното и инспиративното, на олтарот на прозаичната политичка реалност со сѐ поограничени можности, веќе полна со ќорсокаци. Зашто на работата на уметниците предолго се чувствува одекот од ставот на општеството: Овде е бесмислено да се вложува во култура. При што како доказ се користи и малубројната публиката која ги следи случувањата од областа на културата и уметноста“, вели Максим Ристевски, член на тимот.

„Нека светлината од уметникот се одрази врз целата заедница“ во Скопје ја иницираат Весела Моловска и Марија Коробар, кои нашите 130 личности од сферата на културата ги приклучуваат на веќе портретираните 400.000 лица од 138 земји низ светот во рамките глобалната платформа „Inside Out“. Оваа иницијатива на францускиот уметник ЏР (JR) веќе им помага на поединците и заедниците да изразат став во општеството, преку групна акција, со прикажување на црно-бели портрети од големи размери на јавни површини.

„Во моментов ситуацијата е таква што европските фондови се главен извор на финансирање и многу често се влегува во различни програми и партнерства за кои е потребно да бидат исполнети низа услови, со што се поставува прашање на целосен интегритет на уметникот. Голем дел од квалитетните уметници кај нас не можат, ниту сакаат да функционираат на овој начин, со што се изоставени од целата приказна“ – вели Марија Коробар.