Порталб: Поради паркирани автомобили пред ОУ „Наим Фрашери“ во Тетово, учениците се принудени да одат по улица

Фото: Порталб

На тротоарите околу основното училиште „Наим Фрашери“ има автомобили, дрва што се користат за греење, велосипеди, па затоа учениците се принудени да одат по улица, што претставува опасност по нивната безбедност. Од Општина Тетово за Порталб.мк ветија дека овој проблем ќе се реши во рок од 1 недела, додека Секторот за внатрешни работи Тетово, информира дека за четири години вкупно 308 пешаци се повредени од возила, пишува Порталб.мк.

Тротоарот пред ОУ „Наим Фрашери“ / Фото: Порталб.мк

Покрај инфраструктурните проблеми во близина на основните училишта во Општина Тетово, учениците не можат да одат по тротоар додека одат кон училиште, бидејќи на тротоарите има паркирани автомобили.

Од Општина Тетово за Порталб.мк ветија дека овој проблем ќе се реши во рок од седум дена. Оттаму рекоа дека ќе стават блокади со кои нема да се дозволи паркирање на возила.

„Во некои од основните училишта поставивме блокади со кои се спречува паркирање на возила на тротоарите, минатата недела ги поставивме кај ОУ „Кирил и Методиј“. А пак, што се однесува до ОУ „Наим Фрашери“, во сабота работниците ќе излезат да извршат мерења и веруваме дека во рок од 1 недела блокадите ќе бидат поставени“, велат од Општина Тетово.

Секторот за внатрешни работи нè информираше дека во последните три години има мало зголемување на бројот на пешаци кои биле повредени од возила. Инаку за 4 години вкупно се повредени 308 пешаци.

• 2017 – две жртви, 67 пешаци со лесни телесни повреди, 18 пешаци со тешки телесни повреди;
• 2018 – една жртва, 72 пешаци со лесни телесни повреди, 18 пешаци со тешки телесни повреди;
• 2019 – две жртви, 74 пешаци со лесни телесни повреди, 16 пешаци со тешки телесни повреди.

Имајќи предвид дека 2020 година сè уште не е завршена, досега се регистрирани вкупно 38 повредени пешаци од возила во Тетово.

Во меѓувреме, една недела претходно во големата сала на Општина Тетово се дискутираше за безбедноста на учениците во училиштата, при што, меѓу другото, како потенцијална и најголема опасност беше споменат сообраќајот во градот. Присутен на таа дебата беше и директорот на ООУ „Наим Фрашери“ кој меѓу другото рече:

„Минатата година бев член на комисијата за сообраќај во Тетово, дадов оставка без воопшто да учествувам на ниту еден состанок затоа што видов дека е невозможно јас како обичен граѓанин да влијаам за подобрување на состојбата со сообраќајот во Тетово. Поради тоа и ги прашав од Секторот за внатрешни работи што прават? Тие можат да направат многу, но очигледно или немаат соодветни алатки или не сакаат. Секогаш на почеток на учебната година праќам барање до надлежните органи да имаме полицајци во училиштето, барав да се постави соодветна сигнализација, сигнализацијата се постави, но не гледам полицаец. Потребна ни е локалната полиција, да ги видиме кои се тие“, рече Џелал Алили, директор на ОУ „Наим Фрашери“.

Инаку, состојбата со извршување кривични дела, односно нарушување на јавниот ред и мир во и околу училиштата од година во година се подобрува, велат податоците на Секторот за внатрешни работи. Во текот на 2013 година во и околу училиштата биле
регистрирани вкупно 40 акти на нарушување на јавниот ред и мир, во 2018-2019 година имало вкупно 6 нарушувања на јавниот ред и мир, додека во 2020 година нема регистриран таков случај.