Извор: Порталб.мк

Иако во јануари 2021 година вети, општина Тетово сè уште го нема реализирано барањето на протестантите за улицата „Индустриска“ во градот, за меѓусебно физичко раздвојување на двата правци на сообраќај во истата. Одборот на протестанти бара поделбата да се направи итно, а од општината велат дека тие ја буџетирале изградбата на жардиниерата и според нив, работата ќе започне откако ќе се избере економскиот оператор, пишува Порталб.мк.

Поминаа скоро седум месеци од протестот на жителите од населбата „Индустриска“ поради трагичната несреќа, при што животот го загуби едно 6-годишно девојче. Општина Тетово тогаш ги прифати сите барања и вети дека за кратко време ќе се започне со работа, сепак денес најважното барање на протестантите и понатаму е неисполнето.

Бесијан Лека од Иницијативниот одбор за регулирање на „Индустриска“ вели дека досега се исполнети некои од барањата како што се: поставување пречки за зголемување на брзината, вертикална и хоризонтална сигнализација, а семафорот кај училиштето „Кирил и Методиј“ стана функционален.

Неостварено ветување е физичката поделба помеѓу двете насоки на сообраќај, што е најважното прашање за „Индустриска“.

„Без поделба, ниту една работа што е направена нема смисла. Се предвидува поделбата да се изврши долж целата улица „Индустриска“, а да се остави простор само кај пешачките премини. Така граѓаните, особено децата, би биле принудени да ја поминат улицата на места предвидени за тоа, со што ќе се зголеми безбедноста и на пешаците и на возачите“, рече Бесијан Лека.

Иницијативниот одбор за регулирање на „Индустриска“ итно бара да се направи поделба на улицата, бидејќи на лето се зголемува ризикот од повторна појава на фатални несреќи, затоа што со доаѓањето на иселениците се зголемува и сообраќајот .

Од општина Тетово за Порталб.мк рекоа дека планот за физичка поделба на двете насоки на сообраќај долж Индустриска е направен, и дека со последниот ребаланс ја буџетирале изградбата на жардиниерата во дел од Индустриска, во вредност од два милиони денари.

„Многу наскоро ќе се отвори постапката за набавка, за избор на економски оператор и по завршувањето на овие постапки ќе се започне со работа, односно ќе се реализира физичкото раздвојување помеѓу двете насоки на сообраќајот, што ќе придонесе за зголемување на безбедноста на пешаците во сообраќај“, изјавија од општина Тетово.

Инаку, во однос на безбедноста на улицата Индустриска, Порталб.мк на терен беше сведок како некои возила преминуваат од една во друга насока, прекршувајќи ги сообраќајните правила, и со тоа, претставуваат опасност во сообраќајот.

Потсетуваме, дека ветувањата на градоначалничката Теута Арифи беа дадени по протестите на жителите од оваа населба, а кои беа поттикнати како резултат на трагичната несреќа во оваа улица, при што животот го загуби 6-годишно девојче. Несреќите на оваа улица се чести, сепак општинските власти досега немаат преземено никакви мерки самоиницијативно за нивно избегнување.