Порталб: Касами ја достави во Обвинителство тужбата против Арифи за велосипедската патека

Фото: Порталб.мк

Тужбата што градоначалникот на Тетово Билал Касами ја најави против поранешната градоначалничка Теута Арифи за велосипедската патека е поднесена во Обвинителство. Ова го потврдија од општинската канцеларија за односи со јавност и од Основното обвинителство, пишува Порталб.мк.

„За овој случај овластивме адвокат, и тој ги води постапките. Предметот е во обвинителството, адвокатот продолжува да ги следи процедурите. Побаравме расчистување на случајот и сега истиот е во обвинителство“, изјавија од општина Тетово за Порталб.мк. Иако баравме да ја видиме тужбата за тоа што точно содржи истата, од општина Тетово не ни ја доставија.

Од Основното обвинителство за Порталб.мк потврдија дека тужбата е пристигната и дека се анализира.

„Кривичната пријава која ве интересира е доставена до Основното јавно обвинителство Тетово и е доделена на надлежен јавен обвинител, кој постапува во предистражна постапка и презема дејствија за проверка на наводите во пријавата“, соопштија од Обвинителството.

За овој случај се обидовме телефонски да ја контактираме и поранешната градоначалничка на Тетово, Теута Арифи, но таа не одговори на нашиот повик, потоа пративме и порака, но одговор не добивме.

Велосипедската патека беше отстранета на 17 ноември лани со образложение дека имало злоупотреби во проектот, и дека за истата веќе постои судски спор во кој има тужба против поранешната градоначалничка Теута Арифи за реализација на проектот спротивно на законот.

Касами рече дека ќе поднесе уште една тужба, која според наведените информации денеска е испратена до Обвинителството.

Отстранувањето на велосипедската патека предизвика бројни реакции во јавноста дека не требало да се отстрани истата, а некои од општинските советници потегот на Касами го оценија како избрзан.