Роденденот на Тоше Проески одбележан како Ден на хуманоста, денеска тој ќе полнеше 41 година

Извор на фотографија: Општина Крушево

Во родниот град Крушево и низ целата земја, денеска беше одбележан денот на раѓањето на македонската музичка ѕвезда Тоше Проески. Доколку не загинеше во кобната сообраќајна несреќа во 2007 година, денес тој ќе наполнеше 41 година.

Минаа 15 години од тогаш, а песните на Тоше постојано сведочат за неговото незгасливо дело. Неговиот роденден беше одбележан во знак на хуманоста како негово главно обележје во спомен куќата во Крушево со музичко-сценскиот настан „Ангел си ти“.

Во духот на хуманоста беше организирана крводарителска акција, имаше промоции на книги посветени на Тоше и настап на Камерниот оркестар на Битола, Пијано трио од Скопје и солисти на Македонската опера и балет под диригентската палка на Владимир Димовски. За време на хуманите активности им беа доделени пакетчиња за учениците од 3-то одделенио од ООУ „Никола Карев“, Крушево кои изучуваат влашки јазик и за децата во детската градинка „Гонча Туфа“. На вечното почивалиште на Тоше беше положено цвеќе од страна на делегации од Крушево, неговото родно место.

Градоначалникот на општина Крушево, Томе Христоски рече дека 25-ти јануари е и ден на хуманоста во Крушево и порача овој ден да се одбележува на територија на цела држава.

„Тоше ни остави многу љубов, ни остави добри дела, ни остави музика која вечно ќе се слуша и пренесува на наредните генерации. Тоше Проески ни остави пример како да живееме, како да се почитуваме, како да правиме добри дела, да практикуваме толеранција и заеднички живот за поубав град, поубава општина, поубава држава. 25-ти јануари го одбележуваме и како Ден на хуманоста. Поводот за тоа е секако Тоше и целата негова позната и непозната хуманост“, изјави Христоски во своето обраќање.

Во спомен на роденденот на Тоше Проески, денеска во Скопје во Домот на АРМ се одржа традиционалната крводарителска акција што ја организираат Црвениот крст на град Скопје и Општинската организација на Црвен крст Гази Баба. Десетици граѓани, меѓу кои и многу млади лица, учествуваа во крводарителската акција, која што е организирана за да им даде пример на граѓаните за хуманоста што ја покажуваше Тоше Проески.

Тоше Проески беше најголемата македонска музичка поп ѕвезда, со седум снимени албуми на македонски и српски јазик. Музичката кариера ја започна со победата на „Мелфест“ во Прилеп, во 1997 година, и оттогаш настапуваше на сите значајни фестивали во земјава и регионот. Тој беше обожаван од публиката во земјите од Балканот. Во 2003 година победи на првата Беовизија, а во 2004-та ја претставуваше Македонија на Евровизија во Истанбул. Истата година стана амбасадор на УНИЦЕФ. Животот го загуби во сообраќајната несреќа кај Нова Градишка на 16-ти октомври 2007 година на пат кон Загреб.