Со изложба во Пошта-1 одбележани 60-години од скопскиот земјотрес и роденденот на „Јуроп Хаус“

На настанот се натпреваруваа 12 тимови од студенти на факултетите по архитектура, а победник беше Антонио Грујевски со неговиот проект „Лотос за неа: Одржлива оаза во градскиот парк во Скопје“

Извор на фотографија: Министерство за култура

По повод 60-годишнината од земјотресот во Скопје и 4 години од отворањето на „Јуроп Хаус“, во изгорената шалтер хала на Пошта-1 вчера се одржа архитектонската изложба организирана од Делегацијата на ЕУ, во рамките на конкурсот „Скопје на новата генерација“.

За победник на конкурсот беше прогласен Антонио Грујевски со проектот „Лотос за неа: Одржлива оаза во градскиот парк во Скопје“, кој има за цел да ја зајакне зелената одржливост во урбаното ткиво на Скопје, но притоа оддава почит на жените-архитекти, кои одиграле клучна улога во обновата на постземјотресно Скопје во 1963 година.

Конкурсот го оценуваше жири од пет члена од сите пет архитектонски факултети во Скопје, а се натпреваруваа 12 тимови од студенти на факултетите по архитектура.

Делата од изложбата може да се видат во текот на следната седмица во објектот „Пошта“ од вторник до четврток, од 12:00 до 15:00 часот.

На настанот се обрати и Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која ја истакна посветеноста за зачувувањето на нашето културно наследство додека се прифаќа трансформативната моќ на архитектонска визија.

„Конкурсот „Скопје на новата генерација” оди чекор напред и го премoстува минатото со аспирациите за иднината. Ги активира имагинативните умови на младите архитекти да дадат иновативни и одржливи решенија за скопските скапоцени културни знаменитости, вклучувајќи ја и „Пошта“, вели таа.

Бидејќи настанот беше организиран од Делегацијата на ЕУ, министерката изрази благодарност и до евроамбасадорот Гир.

„Ова значајна пригода, на Јуроп хаус Скопје од културен карактер успеа да ги зближи историјата и иднината, со креативноста на студентите по архитектура“, кажува таа.

Осврнувајќи се на резултатите од натпреварот, министерката за култура посочи дека тие ќе го обликуваат, не само физичкиот пејзаж на Скопје, туку и ќе придонесат за зачувување на културно наследство со кое ќе можат да се гордеат идните генерации.

„Иднината се гради во сегашноста, а ние сакаме европска иднина во која македонските културни обележја се на сигурно, како дел од европскиот културен мозаик”, заклучи министерката Костадиновска-Стојчевска.