Порталб: Доктор Халити од Тетово ја прими вакцината против ковид-19, вели дека ѝ верува на науката

Специјалистот Газменд Халити беше еден од првите лекари од тетовската Клиничка болница кој се вакцинираше против корона вирусот. Во интервју за Порталб тој го опиша процесот на вакцинација, ефектите од вакцинацијата и неговото искуство.

Овој лекар ги советуваше сите да се вакцинираат, за да изградат имунитет и да бидат поподготвени во случај да дојдат во контакт со вирусот.

Вие бевте меѓу првите лекари од Тетово кои беа вакцинирани, како се одвиваше процесот?

Да, вистина е, јас бев еден од првите лекари од Клиничката болница во Тетово кои денес се вакциниравме со вакцината против ковид-19. Пред неколку дена бевме контактирани од Министерството за здравство, за тоа дали ќе прифатиме вакцинација; онлајн пополнивме образец со податоци, а вчера беше потврдено времето и местото на прием во новата Модуларна болница на Клиниката за инфективни болести во Скопје. Процесот беше организиран, имав закажан распоред за вакцинација, веднаш бев контролиран од колега, пополнивме образец со административни податоци и неколку прашања во врска со моето здравје, потоа се регистриравме во системот „Мој термин“ и ја добивме првата доза на вакцината.

Што доживеавте после вакцинацијата?

Нормално, постои мала доза на стрес, некои други знаци не.

Дали имавте негативни ефекти?

Што се однесува до негативните ефекти, сè уште ништо не се забележува, освен мала болка при апликацијата.

Колку мислите дека ќе бидете заштитени по првата доза?

Вакцината се дава во две дози, нормално во првата доза се собираат антитела за да се борат и да се подготви телото за вирусот.

Кога ќе ја примите втората доза?

Втората доза е закажана 21 ден по примањето на првата доза, што значи на 13 март.

Дали треба да се избираат вакцините, односно вакцина од некоја компанија посебно?

Во моментов, во нашата земја постои само вакцината Фајзер-БиоНтек, која има делови што користат генетски код што го предизвикува одбранбениот имунолошки систем. Оваа вакцина која го зајакнува имунитетот од ковид-19 се користи за прв пат од оваа компанија, додека другата вакцина Синовак користи мртви вируси од ковид-19, вакцината Астра-Зенека користи безопасни модифицирани вируси.

Кој е вашиот совет сега кога започна вакцинацијата?

Јас лично, со медицинско искуство, ѝ верувам на науката. Вакцината против ковид-19 не е задолжителна, но препорачувам сите да ја земат за да создадат антитела за имунолошкиот одбранбен систем за да бидат подготвени доколку дојдат во контакт со вирусот.