fbpx

Порталб анализа: Јавни претпријатија, државни фирми и општини добивале „буџетска помош“ без критериуми и контрола

-

Иако се работело за милионски суми на пари кои се трошеле од Буџетот за помош на фирмите и на граѓаните во ковид здравствената криза – дел од средствата односно економските мерки не содржеле податоци за тоа како биле планирани, искористени, неискористени, колкав бил износот на имплементација, а постоеле и математички неусогласености, пишува Порталб.мк.

Ова е само еден од наодите на Државниот ревизор во однос на начинот на кој се трошеа буџетските пари за амортизирање на економските последици од ковид пандемијата. Сериозни слабости се утврдени при доделување, но и начинот на трошење на буџетските средства за јавни претпријатија, државни фирми и општини.

Најголем дел од буџетската помош за исплата на плати во фирмите…

Првите ковид мерки беа донесени во 2020 година и до сега Владата усвои шест пакети на мерки – дел од нив беа дополнувани поради неизвесноста што ја донесе здравствената криза.

Во 2020 година беа обезбедени 292 милион евра: 79 отсто од Буџетот, 20 отсто од заеми, 1 отсто од донации. Реализација над 95 отсто или 277 милиони евра.

Во 2021 година беа обезбедени над 276 милиони евра: 65 отсто од Буџет, 20 отсто од заеми, 15 отсто од донации. Заклучно со 29.10.2021, реализирани се 46 отсто или над 127 милиони евра.

Најголем дел од парите или 70 отсто се исплатени преку Владата. Еве за што се потрошиле овие милионски суми:

  • 60 отсто од средствата завршиле за поддршка на работодавачите за исплата на плати;
  • 9 отсто легнале на платежна картичка за сите невработени лица, за млади и вработени со нето плата помала од 15 илјади денари месечно;
  • 9 отсто за финансиска поддршка за ранливи категории за поголема потрошувачка;
  • 4 отсто за поддршка на земјоделството за откуп на грозје и тутунарите;
  • 6 отсто е финансиска поддршка на приватниот сектор за нови пазари, конкурентност и модернизација;
  • 5 отсто од средствата се наменети за финансиска поддршка на угостителство, туризам, спорт и рекреација, детски едукативни центри, естрадни музичари, филмски уметници;
  • 1 отсто како финансиска поддршка за меѓународни транспортери и за превоз на патници;
  • 5 отсто од средствата се исплатени на акционерски друштва во државна сопственост, јавни претпријатија, единици на локална самоуправа, невладини организации;
  • 1 отсто од средствата како финансиска поддршка за радиодифузери.

Буџетски пари за јавни претпријатија, општини – без критериуми за доделување и за намена на средствата…

Во ек на пандемијата Владата додели средства и на државни фирми. На крајот од 2020 година, како дополнување на четвртиот пакет мерки, исплатени се 17 милион евра, од нив 87 отсто завршиле за поддршка на државен сектор, па така буџетски пари добиле ЈСП Скопје, Универзална сала, МЖ Транспорт, АД Градски трговски центар, ЈП за државни патишта, Општина Арачиново.

При доделување на буџетски средства за државниот сектор, ревизорите констатираат низа слабсти.

„Одлуките за одобрување на средства од Буџетот за 2020 година не се објавени во Службен весник, иако е законска обврска, со што не е обезбедена транспарентност, финансиска поддршка е доделена без утврдени критериуми, и тоа во однос на избор на институции и општини, во однос на износот на одобрените неповратни средства, како и не е утврдена намената за која треба да се искористат, што создава нееднаков третман на институциите, отсуство на транспарентност при доделувањето на истите, како и ризик од користење на финансиската поддршка за други намени“, утврдуваат ревизорите и додаваат дека иако на државниот сектор му е „законски забрането“ овој вид на средства да ги користи за исплата на плати, сепак скоро 1,1 милион евра биле искористени за исплата на плати.

„Констатиравме дека во институциите приматели на финансиска помош не е извршена контрола на користењето на средствата, а средствата користени за други намени не се вратени во Буџетот“, се наведува во Извештајот „Економски мерки на Владата на РСМ за справување со кризата предизвикана од вирусот ковид-19“.

(Не) транспарентност на економските мерки…

Иако Владата се обврза на транспарентност при трошењето на парите и изготви Извештај за реализација на мерките, сепак ревизорот утврдува слабости кои упатуваат на отсуство на транспарентност, но и критериуми при делење на средствата.

„Владата нема воспоставено систематизирана евиденција за секоја економска мерка одделно со податоци за планираните средства, нивната намена, бројот на фирми и граѓани за кои е наменета мерката, изворот на средствата… Исто така поради невоспоставената евиденција, нема податоци за доделена финансиска поддршка по корисник, поради што нема информации за вкупниот износ на  помошта кој секој деловен субјект го добил по различни видови на економски мерки“, наведуваат ревизорите.

Во јуни Владата го задолжила Генералниот секретаријат на веб -страната да објавува информации за спроведувањето на економските мерки, квартални извештаи за износите на помошта, по категорија корисници, условите и критериумите за распределба и податоци за 50 најголеми корисници на помош.

„Со извршениот увид на јавно достапните информации констатиравме дека не се врши објавување на наведените податоци, ниту е извршено ажурирање на податоците во Извештајот, односно истиот ги содржи првично објавените податоци заклучно со 28.02.2021 година“, нотираат ревизорите.

„Отсуството на интегриран систем на евиденција за реализацијата од дадената финансиска поддршка за справување со кризата предизвикана од пандемијата, ја намалува транспарентноста и отчетноста на надлежните институции во трошењето на средствата“, се наведува во ревизорскиот извештај.

Преку Буџетот за директна поддршка во ковид пандемијата биле планирани 576 милиони евра, а се потрошиле 427 милиони евра. Од март 2020 до крајот на април 2021 година беа усвоени шест пакети на економски мерки. Владата односно надлежните институции испратиле одговор на ревизорите кој бил земен предвид при конципирање на конечниот ревизорски извештај.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Учениците во Македонија од понеделник за првпат на пролетен распуст

Учениците од основните и средните училишта низ државата од понеделник, 29 април па до 6 мај, ќе бидат на пролетен распуст. Покрај пролетниот распуст кој годинава за првпат се воведе...