Фото: Мета.мк

ФДА деновиве (05.05.2022) ја ограничи употребата на вакцината „Џонсон & Џонсон“, но само за одредени поединци. По спроведување на ажурирана анализа, евалуација и истражување на пријавени случаи, ФДА утврди дека ризикот од тромбоза со синдром на тромбоцитопенија (TTS), синдром на ретки и потенцијално опасни по живот згрутчување на крвта во комбинација со ниски нивоа на тромбоцити во крвта, со почеток на симптомите приближно една до две недели по администрацијата на „Џонсон & Џонсон“ вакцината, налага ограничување на одобрената употреба на вакцината, соопшти ФДА. Постот го злоупотребува соопштението на ФДА  за да шири невистини и да генерализира дека  „штетните последици од сите вакцини веќе не може да се скријат“, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост на Фејсбук во кој авторот го злоупотребува ограничувањето на примента на вакцината „Џонсон & Џонсон“ од страна на ФДА, за да шири невистини дека „вакцините се штетни и последиците од сите вакцини против ковид-19 не може да се скријат“. Ова не е вистина.

Во постот стои:

ОФИЦИЈАЛНО – ЗГРУТЧУВАЊЕ НА КРВТА и СМРТ

Ограничено е користењето Janssen COVID-19 вакцината !

Поради СЕРИОЗНИ последици – згрутчување на крвта кое доведува до смрт, U.S. Food and Drug Administration ОФИЦИЈАЛНО го ограничи користењето на Janssen COVID-19 вакцината !

Она што до сега се третираше како антиваксертво на луѓето кои се сомневаа во ефикасноста но и последиците од вакцините, сега е и официјален став на американската агенција за храна и медицина (FDA) која е овластена за одобрување на нивна употреба во Америка а нејзините препораки и лиценци ги користат и другите држави во светот.

Последиците од вакцините, БУКВАЛНО СИТЕ вакцини веке не можат да се скријат. Процентот на оштетени е СЕ поголем насекаде.

Исто така, јавна е тајна за штетноста од ФАЈЗЕР течноста.

Постот го злоупотребува најновото соопштение на ФДА (Американската агенција за храна и лекови) за да шири невистини.

Точно е дека ФДА деновиве (05.05.2022) ја ограничи употребата на вакцината „Џонсон & Џонсон“, но само за одредени поединци.

По спроведување на ажурирана анализа, евалуација и истражување на пријавени случаи, ФДА утврди дека ризикот од тромбоза со синдром на тромбоцитопенија (TTS), синдром на ретки и потенцијално опасни по живот згрутчување на крвта во комбинација со ниски нивоа на тромбоцити во крвта, со почеток на симптомите приближно една до две недели по администрацијата на „Џонсон & Џонсон“ вакцината, налага ограничување на одобрената употреба на вакцината, соопшти ФДА.

Но, ФДА воедно утврди дека познатите и потенцијалните придобивки од вакцината за спречување на ковид-19 ги ​​надминуваат познатите и потенцијалните ризици за поединци на возраст од 18 години и постари за кои други овластени или одобрени вакцини за ковид-19 не се достапни или клинички соодветни и за поединци,кои избираат да ја примат вакцината  „Џонсон & Џонсон“.

Анализите на ФДА (Американската агенција за храна и лекови) и ЦДЦ (Центар за контрола и превенција на болести на САД) покажаа дека смртноста е 0,48 на милион дози од аплицирана вакцина.

ФДА и ЦДЦ континуирано ги следеа и истражуваа сите сомнителни случаи на тромбоза. Во ажурираната анализа на случаите на ТТС по администрацијата на вакцината за ковид-19 „Џонсон & Џонсон“, кои беа пријавени до 18 март 2022 година, ФДА и ЦДЦ идентификуваа 60 потврдени случаи, вклучително и девет фатални случаи. ФДА утврди дека стапката на известување за ТТС е 3,23 на милион дози на администрирани вакцина и стапката на известување за смртни случаи од ТТС е 0,48 на милион дози од администрираната вакцина, пишува во информацијата објавена на официјалната веб-страница на ФДА.

Според ФДА примери на поединци кои сè уште може да ја примаат вакцината  „Џонсон & Џонсон“ се: поединци кои доживеале анафилактична реакција по примањето на вакцината против mRNA  ковид-19, поединци кои имаат лични проблеми со примање вакцини со mRNA и инаку не би примиле вакцина против -19 и поединци кои би останале невакцинирани за ковид-19 поради ограничениот пристап до вакцините со mRNA ковид-19.

Авторот, во антиваксерски стил го злоупотребува ограничувањето на вакцината на „Џонсон & Џонсон“, ширејќи лаги дека „последиците од сите вакцини не може да се скријат и дека сè поголем е бројот на оштетени“

Наспроти ваквото тенденциозно и неточно тврдење, бенефитот од вакцините е неспорен. Тоа го покажаа  анализите на Министерството за здравство (МЗ) во времето на поголемите пикови од пандемијата.

Министерството за здравство укажува на важноста на вакцинација, секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна, ја намалува шансата од заболување, спречува тешка форма на болеста и штити од смртен исход. Министерството за здравство апелира граѓаните да се вакцинираат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКов2, се вели во еден од извештаите на МЗ.

На официјалната страница на Министерството за здравство во делот „Сè за вакцините“ детално е опишана нивната безбедност, ефикасност и несакани ефекти.

Најчести несакани ефекти – болка на местото на апликација, црвенило и чешање, покачена телесна температура, треска, главоболка, болки во мускули. Се јавуваат кај 1/10 индивидуи, стои на страницата Вакцинација.мк.

Центарот за превенција од болести со факти од експертизи вклучувајќи лекари, истражувачи, научници, епидемиолози и аналитичари ги поби бројните митови и лаги кои се ширеа во јавноста во однос на штетните последици од вакцините.

Точните состојки на вакцината варираат во зависност од производителот. Вакцините Pfizer-BioNTech и Moderna COVID-19 содржат  RNA (mRNA), а вакцината Johnson & Johnson/Janssen ковид-19 содржи безопасна верзија на вирус кој не е поврзан со вирусот што предизвикува ковид-19. Тие им даваат инструкции на клетките во вашето тело да создадат имунолошки одговор. Овој одговор помага да се заштитите од разболување со ковид-19 во иднина, објави ЦДЦ.

Вакцината на „Фајзер“ е безбедна

На крајот од постот  авторот вели:

Јавна тајна е штетноста на течноста на Фајзер

И ова тврдење е неточно. Во вакцината на „Фајзер“ нема никава штетна течност.

Составот на вакцината на „Фајзер“ е јавно достапен и може да се види дека таа не содржи штетни течности, туку само хемиски компоненти кои го поттикнуваат човечкото тело да произведува антитела против ковид-19. Составот на оваа вакцина го пишува во упатството за нејзина употреба, објавено на специјалната веб-страница на Министерството за здравство посветена на ковид вакцините – kovid19vakcinacija.mk. Во врска со ефикасноста и безбедноста на вакцината „Фајзер“, пак, на официјалната страница на Министерството за здравство  е наведено :

  • Ефикасност: клиничките студии покажаа висока ефикасност до 94 отсто превенција од САРС-Ков2 инфекција, податоците од вакцинацијата ширум светот ја потврдуваат ефикасноста од клиничките студии
  • Безбедност: вакцината е безбедна повеќе од 40 илјади индивидуи беа вклучени во клиничките тестирања

Исто така и според официјалниот извештај на ЦДЦ,  сите состојки на вакцината на „Фајзер/Бионетк“,се безбедни.

Скоро сите состојки во вакцините за ковид-19 се состојки кои се наоѓаат во многу храна – масти, шеќери и соли. Вакцината Pfizer-BioNTech COVID-19 содржи и безопасно парче гласник РНК (mRNA). МРНК COVID-19 ги ​​учи клетките во телото како да создадат имунолошки одговор на вирусот што предизвикува СОВИД-19. Овој одговор помага да се заштитите од разболување со COVID-19 во иднина. Откако телото ќе произведе имунолошки одговор, ги отфрла сите состојки на вакцината, исто како што би ја отфрлило секоја супстанција што на клетките повеќе не им е потребна. Овој процес е дел од нормалното функционирање на телото, пишува ЦДЦ.

Според ЦДЦ вакцината на „Фајзер/Бионтек“ е безбедна и ефикасна, а за тоа постојат докази.

Доказите од стотиците милиони вакцини против Ковид-19 веќе администрирани во Соединетите Држави и милијардите вакцини администрирани на глобално ниво, покажуваат дека тие се безбедни и ефикасни.Несаканите ефекти што се случуваат во рок од 7 дена од вакцинирањето се вообичаени, но главно се благи. Тешките алергиски реакции на вакцините се ретки, но може да се случат. Постои редок ризик од миокардитис и перикардитис поврзан со вакцинацијата против ковид-19 со mRNA, најмногу кај мажи на возраст од 12 до 39 години, објави ЦДЦ.

Со оглед на изнесените научни факти во однос на ефикасноста и безбедноста на вакцините овој пост го оценуваме како лага.

Како што  веќе пишуваше „Вистиномер“, досегашните анализи покажаа дека граѓаните кои примија вакцина и се разболеа од вирусот многу полесно се справија со болеста.