fbpx

Помалку NO2 и ПМ-2.5 честички се дишеле во Скопје во карантинот, потврдува истражувањето на ЦКП

-

Помалку азотен двооксид (NO2) и ПМ-2.5 честички сме дишеле во Скопје во периодот на карантин од 18 март до 26 мај во споредба со истиот период од 2019 година, покажува истражувањето за влијанието на сообраќајот врз загадувањето на воздухот во Скопје спроведено од експертскиот тим предводен проф. д-р Дејан Мираковски, проректор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и Центарот за климатски промени.

Од Центарот за климатски промени жалат што постојат нецелосни податоци и несоодветен временски распоред во периодот на споредба (2019 vs 2020), кои во голема мера го ограничиле бројот и типот на мерни станици во агломерацијата Скопје, чии податоци можеле да се споредат, а кои се под капата на Министерството за животна средина и просторно планирање.

„Од тие причини, во споредбата на концентрациите на азот диоксид, беше вклучена само мерната станица Лисиче, во споредбата на концентрациите на суспендирани цврсти честички – фракција РМ 10 беа вклучени станиците Центар и Ректорат (со делумно модифицирани периоди), додека во споредбата на концентрациите на суспендирани цврсти честички – фракција РМ 2.5 беше вклучена само станицата Центар и тоа без периодот по завршување на карантинските мерки“, информираа за „Мета.мк“ од Центарот за климатски промени.

Анализите на воздухот во Скопје биле извршени на подолги временски периоди, дефинирани како период пред КОВИД кризата (од 1 јануари до 17 март), период на карантин (18 март до 26 мај) и период по карантин (26 мај до 30 август).

Анализите на промените на концентрацијата на азотни оксиди на мерната станица Лисиче покажуваат јасен тренд на намалување на концентрациите во текот на целата 2020, посебно изразен во периодот за време на карантинските мерки, велат од Центарот за климатски промени.

„Имено, во првите месеци од 2020, во периодот пред КОВИД кризата, се забележува статистички значајно намалување на концентрациите на азотни оксиди од околу 21 отсто во однос на 2019. Трендот на намалување е значително поизразен во периодот на карантинските мерки, кога се забележува статистички многу значајна разлика, со намалување на просечните вредности од околу 50 отсто. Трендот на намалување е статистички значаен и во периодот по завршување на карантинските мерки, но повторно намалувањето на просечните вредности се враќа на ниво од околу 21 отсто, слично како и пред почеток на карантинот. Сето ова, без двоумење упатува на заклучокот дека промените во интензитетот и временскиот распоред на сообраќајот, резултирале со статистички значајно намалување на концентрациите на азотните оксиди, кои впрочем се најчест маркер на аерозагадување од сообраќај“, покажуваат резултатите од спроведеното истражување.

Слично како и кај азотните оксиди, концентрациите на суспендирани цврсти ПМ-2.5 честички бележат благ пад во однос на 2019 во периодот пред КОВИД 19 кризата за околу 16 отсто, но тие не можат да се оценат како статистички значајни.

„Во периодот на ограничено движење со воведување на карантинските мерки, се забележува статистички значајна разлика на концентрациите, со намалување на просечните вредности од околу 27 отсто, додека промените во периодот по карантинските мерки не се анализирани поради недоволно податоци“, велат од Центарот за климатски промени.

Токму оваа мерна станица во Центар каде за време на карантинот имало намален износ на ПМ-2.5 честички е изложена на интензивен сообраќај, а намалувањето на просечните концентрации на суспендирани цврсти честички – фракција ПМ 2.5 во периодот на карантин, може да се поврзе со намалениот интензитет на сообраќај.

„Но, реална процена на ефектот од намалувањето на интензитетот на сообраќај, е речиси невозможна поради малиот обем на податоци и неможноста да се анализираат податоците од локации кои не се директно изложени на интензивен сообраќај“, велат од Центарот за климатски промени.

Тие дополнуваат дека е точна генералната констатација оти во првата половина на 2020 се јавува благ тренд на намалување на сите загадувачки компоненти во однос на истиот период од 2019. Но, притоа, треба да се земе предвид фактот дека концентрациите на поедините загадувачки материи во воздухот, временски и просторно, не зависат само од интензитетот на изворите, туку и во голема мера од многу променливите атмосферските услови, кои водат до нивна дифузија (разредување) или пак концентрација.

Во спроведеното истражување за влијанието на сообраќајот врз загадувањето на воздухот во Скопје за обезбедување на информација за статистичката значајност на воочените разлики, бил користен т.н.  t – тест на средните вредности на впарени примероци. Дополнително, а со цел да се осигура репрезентативноста, во анализите биле вклучени само податоци со соодветен квалитет, во согласност со националните и европски прописи/регулативи.

Единствено кај ПМ-10 честичките во истражувањето за првите месеци од 2020 година се вели дека постои благ тренд на нивно намалување од околу 10 отсто во однос на 2019 година на мерните станици Центар и Ректорат, но тие не може да се оценат како статистички значајни.

„Состојбата на двете локации, иако изложени на интензивен сообраќај, е слична и во периодот на ограничено движење со воведување на карантинските мерки, кога на локацијата Центар речиси нема разлика во просечните вредности, а на локацијата Ректорат се забележува благо намалување од околу 10 отсто, но и во овој период, разликите не можат да се оценат како статистички значајни. Разликите во однос на 2019 година се нешто поголеми во периодот по карантинските мерки (во текот на летото), кога мерната станица Центар бележи намалување од околу 16 отсто, а мерната страница Ректорат намалување од околу 41 отсто, при што разликите може да се оценат како статистички значајни на двете локации“, велат од Центарот за климатски промени.

Инаку, основна цел на овие анализи била да се поврзат промените на концентрациите на загадувачки материи, со промените на интензитетот на изворите во текот на КОВИД кризата, како еден од начините да се процени влијанието на поедините извори во вкупното загадување.

„Имајќи ги во предвид промените во интензитетот и временскиот распоред на сообраќајот, во периодот пред и за време на КОВИД 19 кризата, а врз основа на извршените статистички анализи, учеството на сообраќајот во вкупното аерозагадување со азотни оксиди може да се процени во рангот од 25 до 35 отсто, додека во загадувањето со суспендирани цврсти честички-фракција РМ 2.5, некаде во рангот од 5 до 15 отсто. Мора да се потенцира дека овие процени се лимитирани, пред се поради несоодветната временска покриеност и недоволниот квалитет на податоци, како и неможноста да се анализираат податоците од локации кои не се директно изложени на интензивен сообраќај“, се вели во заклучокот на ова истражување.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...