Шест политички партии денеска го потпишаа Студентскиот манифест кој минатата недела го претстави Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ) и кој беше подготвен во соработка со уште пет други студентски собранија од останатите државни и еден приватен универзитет.
Студентскиот манифест, како што појаснија од УСС УКИМ, е продолжение на студентската борба за подобар студентски стандард, односно ја надополнува Декларацијата за млади, образование и иднина која беше потпишана во 2020 година. Новиот документ ги содржи точките од старата декларација кои властите досега не ги исполниле, но предвидува и други заложби кои произлегуваат од реалните потреби на студентите.
Манифестот содржи седум клучни цели: Бесплатно образование, Квалитет наспроти квантитет, Национално студентско собрание, Студентски стандард, Интернационализација, Дигитализација и Автономија – за кои студентите бараат усвојување од страна на државата.
„Како приоритетни цели, меѓу другите, се наведени и Бесплатно високо образование и Квалитет наспроти квантитет – и на нив е ставен најголем фокус, односно бараме нов финансиски модел за финансирање на универзитетите со кој ќе се овозможи бесплатно квалитетно високо образование. Тоа е нешто што засега можеби изгледа само како фантазија, но и не е толку фантастично бидејќи постојат начини и можности да се изнајде вистинско решение за вакво нешто. Понатаму, да се најде начин да имаме подобри студентски програми и да се понудат ‘joint’ и ‘double degrees’, кои би биле интердисциплинарни и попривлечни за студентите“, изјави за Мета.мк Савче Ѓошевска, една од авторите на Студентскиот манифест.
Потпис на манифестот денеска ставија претставници на шест политички партии и нивни подмладоци, односно дека ќе се залагаат за содржината на документот се обврзаа Социјалдемократската младина на Македонија (СДММ), Либерално-демократската младина (ЛИДЕМ), Демократската обнова на Македонија (ДОМ), Левица, Демократското движење и Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ (УМС на ВМРО-ДПМНЕ).
Од УСС УКИМ велат дека политичките партии се креатори на политиките и затоа од нив побарале да се потпишат на Студентскиот манифест.
„Без разлика која политичка партија утре ќе биде на власт, а која во опозиција, сите треба заеднички и конструктивно да работат за да го исполнат она што го бараме ние студентите“, вели Ѓошева.
Следен чекор, по изборите, е политичките партии да почнат да работат на целите предвидени во документот што го потпишаа и да иницираат измени на соодветните закони.
Што пишува во Студентскиот манифест?
Во манифестот, меѓу другото, се бара и измена на законите за да се овозможи редовните студенти да стапат во редовен работен однос или во работен однос со скратено работно време, со што ќе добијат можност за заработка додека студираат. За студентите кои се во работен однос се бара да бидат ослободени од данок на доход.
Манифестот содржи и дел во кој се предвидува измена на Законот за високо образование, со цел да се формира Национално студентско собрание во кое ќе членуваат универзитетските студентски собранија на универзитетите во земјава, согласно европската пракса според која во секоја држава има национално студентско тело.
Во делот „Студентски стандард“, студентите се залагаат за почитување на роковите за реконструкција на деветте студентски дома согласно проектот потпишан меѓу МОН и Германската развојна банка, анализа и надградба на мерката Субвенциониран студентски оброк и имплементација на долгорочно решение, продолжување на мерката ваучери за меѓуградски превоз, бесплатен јавен градски превоз за студентите на сите три студиски циклуси, зголемување на инзосот на стипендиите согласно растот на инфлацијата и развивање на културно-забавен и спортски живот на универзитетите.
Во делот „Интернационализација“ се бара изготвување на стратегија за привлекување на поголем број странски студенти во земјава, преку поедноставување на административните процедури, склучување билатерални договори и еднакви услови и права со домашните студенти.
Студентите во својот манифест бараат почитување на зададените рокови во кои е предвидена целосна дигитализација на административните процеси во сите високообразовни институции.
Последната точка од Студентскиот манифест е „Автономијата“, во која се бара поголема автономија за универзитетите и нивните единици во процесот на создавање на студиски програми.
Потписници на Студентскиот манифест се универзитетските студентски собранија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, „Св. Климент Охридски“ – Битола, Универзитетот на Југоисточна Европа, „Мајка Тереза“ – Скопје и „Св. Апостол Павле“ – Охрид.