Полицијата го откри тинејџерот што предизвика пожар кај Мојанци и објави видео на ТикТок од потпалувањето

Шумски пожар кај Трескавец во 2017 година. Фото; Општина Прилеп

Единицата за насилен криминал при СВР Скопје до Основното јавно обвинителство – Скопје ќе поднесе писмено известување за 17-годишниот малолетник од скопското село Мојанци поради предизвикување на пожарот на нискостеблеста шума и вегетација во близина на селото. Тој на 4 август на социјалната мрежа ТикТок објави видео како го потпалува пожарот.

Фотографиите и видеата биле споделени на повеќе социјални мрежи, по што Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика презел мерки за откривање на сторителот и доказите, повеќе снимени видео клипови на кои се гледа дел од фигура на човек како врши потпалување на повеќе дрва и грмушки, ги предал на Единицата за насилен криминал, која набргу го идентификувала сторителот. Тој заедно со татко му завчера бил повикан на разговор во полиција, каде што во присуство на инспектор по малолетничка деликвенција го признал делото, односно потврдил дека палел нискостеблеста трева и шума на падините на блиската шума над селото Мојанци.

Тинејџерот се товари за предизвикување општа опасност, дело казниво според член 288 од Кривичниот законик.