Покана за учество на „Балканската смотра на млади стрип-автори“

Во рамки на манифестацијата, која ќе трае три дена, ќе бидат одржани низа предавања, проекции на анимирани, играни и документарни филмови, промоции на стрип-изданија од Србија и странство, а се планираат и трибини, јавни интервјуа и тркалезни маси

Илустрација: Школата на стрип „Никола Митровиќ Кокан” од Лесковац, објавено со дозвола.

Школата на стрип „Никола Митровиќ Кокан” од Лесковац, која работи во рамки на Лесковачкиот културен центар, оваа година по 26. пат ја организира манифестацијата „Балканска смотра на млади стрип-автори”. Централната манифестација ќе се одржи од 28 до 30 јуни 2024 година во просториите на Лесковачкиот културен центар, Народниот музеј и Народната библиотека „Радоје Домановиќ” во Лесковац.

Смотрата и оваа година ќе биде наградна, па најдобрите во категориите млад стрип-цртач, илустратор, стрип-сценарист и стрип-теоретичар на балканските простори ќе добијат плакети со ликот на Никола Митровиќ – Кокан, а ќе се доделат и четири дополнителни дипломи за сите четири категории. Диплома ќе добие и најдобриот дебитант, а ќе се доделуваат и плакети за придонес на српскиот и балканскиот стрип. Наградите ќе ги додели тричлено меѓународно жири.

Сите кои ќе пратат свои трудови ќе добијат благодарници за учество и ќе бидат наведени во каталогот што ќе го добие секој учесник. Во рамки на манифестацијата, која ќе трае три дена, ќе бидат одржани низа предавања, проекции на анимирани, играни и документарни филмови, промоции на стрип-изданија од Србија и странство, а се планираат и трибини, јавни интервјуа и тркалезни маси.

Како услов за учество е да станува збор за млади автори, што подразбира лица помлади од триесет години, кои можат своите дела да ги поднесат на увид на жирито, или како материјал за изложување.

На смотрата може да изложуваат и постари автори, што е пожелно како пример за помладите колеги, но истите нема да можат да влезат во конкуренција за наградите.

За наградите може да конкурираат само стрип-автори од Балканот, додека вон конкуренција се поканети автори од целиот свет. Така, на пример, на Балканската смотра во 2022 година учествуваа 3046 автори од 82 земји од шест континенти.

Во категоријата илустрации може да се конкурира и со илустрации во боја или црно-бели, додека стрип-сценаријата и теоретските текстови треба да се праќаат напишани во програмата „Word“, или да се поднесат готови и завршени стрипови настанати по сценаријата. Може да се учествува со неограничен број дела, при што не е неопходно да се пратат готови, комплетни стрипови, ниту пак тие да бидат специјално изработени за Балканската смотра. Единствен услов е делата да не се веќе поднесени и изложувани на некоја од претходните балкански смотри.

Поканата за учество е упатена кон сите млади стрип-автори, школи и работилници за стрип кои делуваат во балканскиот регион, а Лесковачката школа на стрипот ќе се потруди да биде добар домаќин на сите гости.

Делата треба да се праќаат по пошта на адресата:

Милош Цветковиќ
Козарачка 48
16000 Лесковац

Делата треба да се испратат најдоцна до 1 мај 2024 година. Пожелно е да се праќаат квалитетни копии и принтови, или скенови во 300 DPI по е-пошта на [email protected] каде што може да се добијат и дополнителни информации.