fbpx

Подигањето на свеста кај граѓаните за заштита на податоците – најдобра заштита од можни злоупотреби

Информирањето за важноста на личните податоци во државата и начините како граѓаните да ги заштитат своите податоци, како и информирањето за улогата на офицерите за заштита на податоците, беа неколку од темите што се дискутираа на втората панел дискусија на конференцијата посветена на заштитата на приватноста во дигиталната ера

-

Информирањето за важноста на личните податоци во државата и начините како граѓаните да ги заштитат своите податоци, како и информирањето за улогата на офицерите за заштита на податоците, беа неколку од темите што се дискутираа на втората панел дискусија на конференцијата „Заштита на приватноста во дигиталната ера: во потрага по заеднички решенија“.

Во фокус на оваа панел дискусија со наслов „Меѓусекторската соработка во насока на заштита на човековите права со фокус на приватноста и другите дигитални права“, исто така беше меѓусекторската соработка на институциите со цел заштита на приватноста и човековите права, известува Порталб.мк.

На оваа конференција организирана од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ во соработка со Здружението „Конект“, на втората панел дискусија се обратија високиот надзорник во Агенцијата за заштита на личните податоци (АЗЛП), Слободанка Славковска; програмскиот менаџер во Фондацијата Метаморфозис, Мила Јосифовска Даниловска; извршниот директор на Здружението Конект, Никица Кусиникова; проект менаџерот во Правниот центар за истражувања и анализи, Милена Јосифовска; советникот за правни работи и усогласеност во компанијата Мак-Систем, Драгана Кипријановска и Весна Радиновска, проект менаџер во Фондацијата Метаморфозис.

Славковска од АЗЛП рече дека во последниве години фокусот на Агенцијата е ставен во подигањето на свеста и намалувањето на злоупотребите на личните податоци, истакнувајќи дека некои граѓани сè уште не се запознаени за улогата на Агенцијата, а за секое прашање можат да се обратат до нив.

„Фокусот на Агенцијата е во подигањето на свеста на граѓаните и во давањето помош на граѓаните за да се запознаат со нивните права, со улогата на офицерите за заштита на личните податоци, но и со начинот како можат најдобро да ги заштитат нивните лични податоци, но и на другите“, рече Славковска.

Таа рече дека има случаи каде што граѓаните сами ги споделиле нивните лични податоци по несигурни веб-страни и како последица истите им се злоупотребени, особено во случаи кога се подигнати брзи кредити на нивно име. Славковска истакна дека е важно информирањето на граѓаните за тоа како да ги заштитат нивните права но и на другите, токму за да се спречат овие случаи каде што се претрпува финансиска штета.

Кипријановска рече дека државните регулативи треба да се изменат брзо поради брзиот развој на технологијата и дека нивниот најголем предизвик е токму постоењето на дупки во законите што го прават невозможно поставувањето на механизмите за сигурна размена на податоците, како во земјава така и надвор.

„За нас како бизнис сектор, најголемиот проблем е размената на личните податоци кога нема сигурни механизми. На бизнисите не им се забранува размена на личните податоци, но оваа постапка треба да се уреди со закон“, рече Кипријановска.

Никица Кусиникова рече дека компаниите и бизнисите кога собираат лични податоци треба да ја знаат целта за што се собрани тие податоци, за да не собираат лични податоци што не им се потребни.

„Една компанија или организација кога го изработува бизнис планот треба да прави анализи, треба да внимава со личните податоци што ги собира, за каква цел им се потребни овие податоци, дали им се потребни податоци како матичниот број и за што ќе ги користат“, рече Кусиникова.

Весна Радиновска од Фондацијата „Метаморфозис“ рече дека преку нивните активности се ангажираат да ја подигнат свеста на граѓаните за важноста на заштитата на личните податоци.

„Начинот на кој ние придонесуваме за подигање на свеста на граѓаните за заштита на личните податоци е со објавување на разни едукативни текстови на три јазици, македонски, албански и англиски, со објавување на разни видеа на социјалните мрежи, со одржување на разни вебинари со експерти. Моментално сме во крајните фази на една дигитална платформа едукативна веб-страна за Агенцијата за заштита на личните податоци“, рече Радиновска.

 

Овој текст е подготвен со поддршка на Европската Унија. Содржините во овој текст се единствена одговорност на партнерите на проектот „Техничка и интегрирана заштита на лични податоци – градење инклузивен дигитален екосистем“ и на авторот и на ниеден начин не ги одразуваaт ставовите на Европската Унија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Патот до слободниот пристап до информации поплочен со тужби, нетранспарентност и молк од администрацијата

Колкава плата зема одреден министер, директор, функционер? Колку пари потрошиле пратениците за патни трошоци? Колку судски пресуди се донесени за семејно насилство? Колку чинело новогодишното украсување за секој град...