По три години се враќа познатата Бруцошка забава на ФЕИТ

фото: Факултетско студентско собрание на ФЕИТ

Во петок, во организација на Студентското собрание на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), по 21 пат ќе се одржи традиционалната бруцошка забава. На овој голем културен студентски настан, или како што студентите го нарекуваат, еднодневен фестивал, се очекува да учествуваат повеќе од 4.000 посетители.

Бруцошката забава на ФЕИТ се враќа откако нејзината организација претходните две години изостана поради ковид пандемијата. Годинава, во дворот на ФЕИТ ќе се одржат седум различни настапи на над 20 изведувачи.

Според Вера Палевска, претседателка на ФСС ФЕИТ, овој фестивал, покрај тоа што ја докажува способноста на студентите, ги промовира и поддржува новите таленти и ја развива македонската музичка сцена.

„Независно од името, во масовната публика на Бруцошка се наоѓаат студенти од сите години, сите области и сите краеви на државата. Оваа година настанот има нова еко и хумана димензија. Нашата мисија е овој фестивал да ги промовира и поддржи новите таленти, со што ќе се поттикне развојот на музичката естрада. Затоа, даваме шанса на познатите, но и на свежите млади домашни изведувачи – музичари, пејачи, бендови, диџеи“, вели Палевска.

Бруцошката забава ќе започне во петок во 18:00 часот, а влезот на настанот е слободен за сите посетители.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by ФСС на ФЕИТ (@fssfeit)