По притисокот на јавноста „Близард“ одлучи да му ја врати наградата на Hearthstone шампионот кој во официјален стрим ги поддржа протестите во Хонг Конг

Гејминг гигантот „Близард“ се соочува со критики на меѓународна сцена откако го суспендираше на 12 месеци професионалниот играч на Hearthstone, Нг Ваи Чунг со прекар “blitzchung” поради тоа што тој изрази поддршка за ослободителното движење на Хонг Конг. Сега хаштагот #BoycotBlizzard е трендинг на Твитер, додека безброј членови на заедницата, професионалци во оваа индустрија, но и членови на законодавниот дом во САД го изразија своето незадоволство – и гадење – од одлуката на „Близард“.


По една недела реакции од заедницата, компанијата неодамна одлучи сепак да му дозволи на Чунг да ги добие парите од наградата за победата на Грандмастер турнирот, а сузпензијата ја намали од 12 на 6 месеци.

Конфликтот меѓу Хонг Конг и Кина

Важно е да се сфати мотивацијата на Кина, за што е потребно кратко објаснување за протестите што моментално се случуваат во Хонг Конг. Како што е наведено од новинарот Мат Ким од IGN: “Во Хонг Конг моментално се одржуваат протести што започнаа пред неколку месеци кога локалните власти објавија дека планираат да донесат закон со кои на Кина ќе ѝ се дозволи да екстрадира граѓани од Хонк Конг поради правни причини. Жителите од Хонг Конг се спротивставија на законите, а додека градските власти се повлекоа од одлуката за спроведување на законите, движењето се прошири преку интензивирањето на повиците за слобода”.

Секако дека е неверојатно тешко да се сумира сложеноста на конфликтот брзо, кратко и јасно, но важно е да се има пошироко знаење за тоа пред да се разбере улогата на „Близард“ во целата приказна.

Врската помеѓу „Близард“ и Кина

Исто така треба да се има и основно познавање за интересите на „Близард“ на кинескиот пазар. Според финансиските резултати за вториот квартал од 2019 година на Activision-Blizzard  (The New York Times), азиско-пацифичкиот пазар учествувал со 12% (173 милиони американски долари) во кварталните приходи, иако ова опфаќа и други големи пазари како што е Јапонија.

Додека 12% е една трошка во споредба со бизнис резултатите од првиот квартал во Америка и регионот на Европа, Блискиот Исток и Африка (54% и 33% соодветно), Activision Blizzard забележува непроценлива вредност во потенцијалот на кинескиот пазар. Според Alpha Street (Vox), откако се случил непрекинат пад на месечните активни корисници за време на 2018 година, компанијата „тргнува по кинескиот пат со цел да ја поврати загубената сила“, пат по кој, според порталот, „се тргнати голем број американски технолошки компании“.

Оваа информација е основа за голем дел од лошите реакции, бидејќи некои веруваат дека одлуката на „Близард“ да му забрани на Чунг да игра не треба да се сфати како обично прекршување на правилата, туку како поставување на тешка цензура од страна на кинеската влада со цел да ги зачува своите финансиски интереси на пазарот на земјата.

Повикот на Чунг за ослободување за време на официјален стрим  

Инцидентот се случи на 6 октомври. По победата во Grandmaster битката на играта Hearthstone, Чунг беше интервјуиран на официјалниот тајвански стрим на Hearthstone од страна на Virtual и Mr. Jee. За време на интервјуто Чунг носеше маска на лицето – што е референца за законот против маски неодамна донесен во Кина, и извикал „Ослободете го Хонг Конг, револуција на нашето време“! Стримот бил набрзо прекинат со рекламен блок, а снимката од тогаш е тргната од Интернет.

По интервјуто, Чунг за InvenGlobal изјави: „Мојот повик за време на стримот беше само уште една форма на присуство во протестот кој сакам да добие повеќе внимание… Може да ми предизвика многу проблеми, дури и да ја доведе во прашање мојата безбедност во вистинскиот живот. Но сметам дека е моја должност да кажам нешто во врска со проблемот“.

Забраната на „Близард“

На 8 октомври, „Близард“ објави официјално соопштение во кое се наведува дека Чунг ги прекршил правилата на официјалното натпреварување на турнирот Hearthstone Grandmasters 2019. Како резултат на тоа, тој бил отстранет од турнирот и му била изречена 12-месечна забрана за учество на натпреварувањата. „Близард“ исто така ја поништил наградата од 10.000 американски долари што Чунг требало да ја добие.

Според „Близард“, имало прекршување на правилата во дел 6.1 (о), кој вели:

„Вовлекување во каков било чин што, единствено според проценката на „Близард“, вовлекува во јавна озлогласеност, навредува дел од јавноста или група или на друг начин наштетува на имиџот на „Близард“ ќе резултира со отстранување од Грандмастерс турнирот и намалување на износот на наградата што играчот треба да ја прими на 0 американски долари, покрај другите правни лекови што можат да бидат изречени во согласност со Прирачникот и Условите на веб-страницата на „Близард““.

„Додека го поддржуваме правото секој да ги изрази сопствените мислења, играчите и сите останати учесници што ќе изберат да учествуваат во нашите натпреварувања мора да се придржуваат до официјалните правила на натпреварувањето“- велат од компанијата.

Во истата изјава „Близард“ вели дека исто така „веднаш ќе ја прекине соработката“ со претходно споменатите лица што го интервјуирале Чунг.

По реакциите од јавноста, претседателот на компанијата Џеј Ален Брек јавно напиша дека тие немале ништо со одлуката да биде казнет играч кој ги прекшил правилата на еСпорт турнир.

„Во самиот турнир Чунг играше фер игра. Сега веруваме дека треба да ја добие наградата. Разбираме дека за некого овде не станува збор за самата награда, а веројатно за други знак на непочитување е воопшто да се разговара на оваа тема. Ова не е нашата намера“, вели Брек.

Изјавата на Чунг за одлуката на „Близард“

Во изјава дадена за IGN по забраната, Чунг вели: „Ја очекував таа одлука од „Близард“, мислам дека не е фер, но ја почитувам. Не се каам за она што го кажав“.

„Не се плашам од ваквите видови „бел тероризам““ вели Чунг опишувајќи ги како „анонимни дела што создаваат атмосфера на страв“.

Реакциите против „Близард“

По забраната, „Близард“ почна да добива негативни реакции од членови на заедницата, професионални играчи, професионалци во гејминг индустријата, па дури и од членови на законодавниот дом во САД.

Написи што го осудуваат „Близард“ со денови ги исполнуваат Reddit заедниците на r/Hearthstone и r/Blizzard – втората беше привремено исклучена од страна на модераторот. На r/Blizzard, напис со наслов „„Близард“ го открива новото лого“, на кое сегашното лого на компанијата е поставено врз кинеското знаме, стана најгласаниот напис на сите времиња за помалку од еден ден.

Голем број играчи на форумот Reddit на Hearthstone изјавија дека се откажуваат од играње на играта поради забраната за Чунг, чувство што го делат многу лица на интернет бидејќи #BoycotBlizzard и понатаму е популарен на социјалните медиуми, а популарни се и пребарувањата за тоа како да се избришат акаунтите на battle.net. Бојкотот се проширува и надвор од Hearthstone заедницата, а голем број лица на социјалните медиуми објавуваат слики од барањата за бришење на претплатата на World of Warcraft. Помеѓу нив е Марк Керн, лидерот на тимот што ја креирал основната верзија на World of Warcraft. „Оваа игра ја создадов со тимот. Се спротивставувам на стравот на „Близард“ од Кина и замолчувањето на Blitzchung. Го повикувам „Близард“ да застане зад она што е исправно“- напиша тој.

Неодамна, членовите на Универзитетскиот Hearthstone тим за време на пренос на Hearthstone шампионат на американскиот колегијат истакнаа знак со кој ја покажуваат својата поддршка за Чунг и Хонг Конг. На знакот пишува „Ослободете го Хонг Конг, бојкотирајте го Близард“. Кратко по појавувањето на знакот преносот е прекинат.

Членовитена Универзитетскиот Тим за Polygon изјавија дека не биле казнети за знакот. Но играчите велат дека ќе го наместат следниот натпревар. „Многу сме загрижени за хипокритичната одлука да се казни blitzchung, а ние да останеме неказнети“, вели еден од членовите на тимот.

Потоа, истакнатиот Hearthstone кастер, Брајан Киблер најави дека се повлекува од водење кастинг на финалињата Grandmasters на BlizzCon. Тој напишал дека Близард „бил во право што го санкционирале Чунг за неговите дела“, но дека казната била „исклучително строга“.

„Нема да се преправам дека ги сфаќам сложеностите на геополитичката ситуација во Кина и Хонг Конг или пак целосниот бизнис интерес на Близард тука, но мене ми се чини дека оваа казна е длабоко вкоренета во двете“,  напиша Киблер.

Дури и двајца американски сенатори ја коментираа ситуацијата: Рон Вејден од Орегон и Марко Рубио од Флорида ја осудија „Близард“ за нејзината премолчена согласност со кинеската влада и нејзините закони за цензура.

И додека „Близард“ како ентитет може да биде одговорен за негодувањето, не сите во рамките на компанијата се согласуваат со одлуката. Поранешниот вработен во „Близард“, Кевин Ховдестад, на Твитер објави фотка од седиштето на компанијата, на која се прикажани две од нејзините осум вредности, „Размислувај на глобално ниво“ и „Секој глас е важен“, покриени со лист хартија.

„Дејли бист“ исто така објави вест за мал марш од страна на вработените во „Близард“, кои носеле чадори. Чадорите станаа симбол на протестите во Хонг Конг, бидејќи тие првично беа користени за заштита на демонстрантите од камери за препознавање на лицето, како и од солзавец. Во написот се вели дека бројот на учесници во маршот варирал од 10 до 30 учесници.

Како одговор на лошите реакции упатени кон „Близард“, основачот и извршен директор на Epic Games, Тим Свени, рече дека неговата компанија „никогаш“ нема да ги прекине врските со одреден играч врз основа на политичка изјава.  Портпаролот на Epic Games  го потрди тоа, а за The Verge изјави: “Epic го поддржува правото да секој ги искаже своите ставови за политиката и човековите права. Не би отстраниле или казниле играч на Фортнајт или креатор на содржини само затоа што зборува на овие теми“.