За да ги заштити младите, хрватскиот министер за здравство ќе ги ограничи снус и „Прајм“

„Прајм“ се здоби со популарност меѓу децата на ТикТок, со оглед на тоа дека го промовираат најпознатите инфлуенсери, американските јутубери Логан Пол и KSI. Пол на Јутјуб има 23,6 претплатнци, а KSI има 24,1 милиони претплатници

Фото: Wikimedia commons/PIXSELL

По средбите со Хрватскиот институт за јавно здравје и Државниот инспекторат на Република Хрватска, во врска со ограничувањето на потрошувачката на енергетскиот пијалок „Прајм“ и никотинските кесички, министерот за здравство на Република Хрватска Вили Берош рече дека ќе направи се за да ги ограничи ваквите производи, пренесе Јутарњи. Реакцијата на хрватските власти следува откако Словенија го забрани пијалокот „Прајм“ заради состојката Л-теанин.

И Берош побара итно да се ограничи потрошувачката на енергетскиот пијалок „Прајм“ поради состојката Л-теанин, која не е дозволена во безалкохолните пијалоци и никотинските кесички.

„Нашите најмлади граѓани, студенти, веќе извесно време се изложени на одредени штетни материи. Бевме сведоци дека одредени земји ги забрануваат ваквите пијалоци затоа што имаат состојки кои не се ни со закон дозволени, иако нивното влијание врз здравјето не е преголемо. Ако нешто е присутно и е во оптек, а не е дозволено со закон, ние треба да реагираме“, рече Берош.

Министерот се осврна и на изложеноста на децата на никотински кесички кои, како што наведува, имаат исклучително висока содржина на никотин.

„Сметав дека е крајно неопходно денеска да ви се обратам и да преземам активности кои ќе влијаат на ограничувањето на ваквите производи. На пазарот има тутунски никотински кесички со многу висока содржина на никотин. Содржината на никотин може да биде од 20 мг до 50 мг, а 20 мг значи дека некој конзумирал количина на никотин еднаква на 20 цигари, а 50 мг е две и пол кутии цигари. Затоа, можете да замислите што ќе биде со еден наш ученик ако го стави во уста“, рече министерот.

Берош додаде дека никотинските ќесички имаат крајно неповолно влијание врз здравјето и дека постои и можност да се проголта кесичката, што може да доведе до смрт.

Откако институциите во Словенија на 13 ноември забранија „Прајм“, македонската Агенција за храна и ветеринарство кажа дека во регистарот за збогатена храна на АХВ регистриран е безалкохолен пијалак „Prime hydration drink“, но за него АХВ има издадено одобрение за ставање во промет.

„Кај нас е одобрена верзијата без кофеин, т.е. производи декларирани како пијалаци за хидратација (PRIME HYDRATION DRINK) кои се збогатени со витамини и амино киселини, со различни вкусови. За овие производи постои мислење од Фармацевтски факултет, дека истите можат да се употребуваат како збогатена храна, почитувајќи ги препораките за консумација и предупредувањата наведени на означувањето на овие производи“, објаснуваат од АХВ.

„Прајм“ во слободна продажба чини 480 денари. Освен пијалокот, кај нас се продава и чипс „Такис“, но и други американски производи, по повисоки цени.

„Прајм“ се здоби со популарност меѓу децата на ТикТок, со оглед на тоа дека го промовираат најпознатите инфлуенсери, американските јутубери Логан Пол и KSI. Пол на Јутјуб има 23,6 претплатнци, а KSI има 24,1 милиони претплатници.