fbpx

Пломп: Ефективниот напредок на државите од Западен Балкан кон ЕУ е од стратешка важност

-

Амбасадорот на Кралството Холандија во Република Македонија, Ваутер Пломп, денеска пред пратениците ги претстави приоритетите на холандското претседателство со Советот на Европската унија.

На седницата присуствуваа членови на Националниот совет за европски интеграции, собраниската Комисија за надворешни работи, како и мешовитиот парламентарен комитет на Македонија и на ЕУ.

Во својот говор, амбасадорот Пломп даде кратка презентација на претседателствувањето, засновано на три основни принципи: Унија фокусирана на основите, Унија која креира иновативен развој и работни места и Унија која е поврзана со општеството.

– Ќе се стремиме кон Европска унија која е фокусирана врз она што е најважно за граѓаните на долг рок. Тоа е економскиот развој преку иновација и реформи, создавање работни места и вложување во одржлива иднина – рече Пломп и додаде дека приоритети на претседателството се сеопфатен пристап кон миграцијата и меѓународната безбедност, Европа како иноватор и креатор на работни места, цврсти и одржливи европски финансии, како и напредна политика во врска со климатските промени и со енергетските прашања.

Амбасадорот Пломп истакна дека Холандија го презема претседателството во многу тежок период, кој може да се надмине единствено преку здружени напори на сите држави, вклучувајќи ги и тие што се кандидати за членство, а чија улога во надминувањето на бегалската криза е од суштинска важност.

Во врска со проширувањето на ЕУ, амбасадорот Пломп ја наведе Програмата на Холандија, Словачка и на Малта, според која веродостојноста на процесот на проширување е од голема важност.

– Ефективниот напредок на државите од Западен Балкан кон ЕУ е од стратешка важност. Владеењето на правото, човековите права, борбата против корупција, економските критериуми и реформата на јавната администрација се одредниците врз основа на кои се мери напредокот, а самите држави ја имаат одговорноста да ги исполнат условите на кои се обврзале – нагласи тој.

На крајот амбасадорот Пломп изјави дека во согласност со мотото на холандското претседателство – „Поврзување“, Холандија ќе продолжи да ги зајакнува врските со Република Македонија преку инструментите за поддршка на бизнисот, поттикнувањето на повеќе холандски инвестиции во Македонија, културната соработка и промоцијата на туризмот на одржлив начин, „бидејќи единствено преку двонасочна и отворена комуникација можеме да се поврземе и да ја направиме Европа подобро место за живеење“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...