Недоумица предизвика денешната најава на проекти на претседателот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кои треба да ги спроведува Владата.

Дали Груевски ги најавуваше проектите како поранешен премиер или како претседател на партија?

Тој денеска пред Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ најави дека од март Владата за младите до 27 години ќе обезбеди бесплатен железнички превоз секој прв и трет викенд од месецот.

– Мерката ќе почне да се применува во март 2016 година, а за нејзино спроведување Владата ќе исплаќа дополнителни трансфери кон „Македонски железници“ – рече лидерот на партијата.

Груевски најави и изградба на нови фитнес-зони и читални.

Тој рече дека го ветува само она што е сигурен дека може да го оствари.

На прашањето како претседател на партија ветува што ќе прави Владата и какви проекти ќе спроведува, Иво Котевски, директорот на центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека најавените проекти биле дел од нивната програма.

– Истите луѓе што седат во Владата се дел од ВМРО-ДПМНЕ. Колку што знам јас, мнозинството во Владата сè уште го има ВМРО-ДПМНЕ. Тоа се проекти за кои се разговарало и за кои се дискутирало – вели Котевски.