Претседателот Стево Пендаровски, по извршените консултации со правни експерти, денеска го потпиша Указот за прогласување на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година.

Како што соопштија од претседателскиот кабинет: „Претседателот Пендаровски очекува процесот на спроведување на пописот да не се политизира, а добиените податоци да бидат од корист за севкупниот развој, со што ќе се овозможи формулирање на долгорочни стратегии во виталните области во државата“.

Законот за попис беше донесен на 20 јануари и истиот ден претседателот на Собранието Талат Џафери го достави до Пендаровски, заради потпишување на Указот за прогласување на Законот. Рокот за потпишување на Указот беше седум дена од денот на доставувањето, а деновиве Пендаровски имаше консултации со правни експерти околу законската содржина.

На денот на собраниското гласање, ова законско решение го поддржаа пратениците од владејачкото мнозинство СДСМ, ДУИ и Беса, и опозициската Алијанса на Албанците и Алтернатива. За Законот за попис, како што претходно најави, не гласаше најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, која бараше одложување на пописната акција, меѓу другото, и поради ковид ситуацијата.

Пописот на населението, домаќинствата и становите во Северна Македонија, согласно донесениот закон, треба да се спроведе од 1 до 21 април годинава. Последната пописна акција во земјава беше реализирана пред 19 години.