fbpx

Пендаровски да го искористи правото на вето, бара Платформата за борба против корупција

Предложеното намалување на казните во Кривичниот законик ќе резултира со застарување на многу случаи од висок профил како на пример Титаник, Таргет/Тврдина, ТНТ, Титаник 2, Трезор, Талир, Шпански скали и Траекторија, како и други случаи од понизок профил, велат од Платформата

-

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата денеска побара од Претседателот на државата Стево Пендаровски да го искористи уставно загарантираното право на вето и да не го потпише указот за прогласување на измените на Кривичниот законик кои вчера ги усвои Собранието.

Претставниците на граѓанските организации – членки на Платформата доставиле и официјално писмено барање до Пендаровски.

Од Платформата велат дека има две причини зошто претседателот има должност да го искористи ветото.

Првата причина е дека со измените на членовите 353 и 353-в, предложеното намалување на казните ќе резултира со застарување на многу случаи од висок профил како на пример Титаник, Таргет/Тврдина, ТНТ, Титаник 2, Трезор, Талир, Шпански скали и Траекторија, како и други случаи од понизок профил. Тие велат дека со ова ќе се урниса довербата дека борбата против корупцијата е можна, ќе ги демотивира граѓаните да пријавуваат корупција и ќе ја намали превентивната функција на системот на кривична правда.

Втората причина, како што велат од Платформата, е поврзана со процедуралните недоследности, во кои измените на овие два члена се разгледувани со специјална и кратка процедура под капата на европско знаменце, иако според постоечките кореспондентни табели не се усогласуваат со европското право.

„На тој начин, се изигруваат скратените процедури и Собранието не ја исполнува својата должност на делиберација по нормите кои ги носи“, велат од Платформата.

Со 48 гласа „за“, 36 „против“, и еден воздржан, Собранието вчера доцна попладнето ги изгласа измените на Кривичниот законик, по скратена постапка, со европско знаменце, со кои се намалуваат затворските казни за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувања.

Вчера овие измени поминаа и во двете собраниски комисии, без амандмани од опозицијата, а кусо траеше и собраниската расправа.

Од Државната комисија за спречување на корупцијата велат дека со овие измени, борбата против корупцијата и натаму ќе остане само декларативна. ДКСК смета дека со интервенциите во членовите 353, 353в и 394 не се придонесува кон зајакната борба против корупцијата и организираниот криминал, напротив, се зголемува ризикот од политички пазарења и трговија со влијание.

„Со донесувањето на измените и дополнувањата на овој закон во Собранието на Република Северна Македонија, и тоа со молскавична брзина, по скратена постапка и употреба на европското знаменце, односно на начин со кој не се дозволува широка јавна расправа, експертска дебата ниту анализа на последиците што ќе ги предизвика ова законско решение, сериозно се загрозува правната сигурност во државата. ДКСК е изненадена и загрижена од ваквиот начин на донесување на законот, дотолку повеќе што во меѓувреме Министерството за правда побара од ДКСК да достави мислење по Предлог – законот за изменување и дополнување на Кривичниот законок, со рок за произнесување до 20 септември 2023 година“, велат од Антикорупциската комисија.

Со измените се намалуваат казните за кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување; се брише ставот 5 од членот 353 кој ја санкционира злоупотребата на службената положба и овластувања при вршење јавни набавки или на штета на Буџетот и на јавните фондови за кој имаше казна од најмалку 5 години затвор, а максималната казна затвор за Злосторничко здружение се намалува од 10 на 3 години, а се укинува и проширената конфискација за нелегално стекнат имот.

Илустрација: Мета.мк / Извор: Собрание на РСМ

Или подетално, во стариот закон членот 353 предвидуваше казна од најмалку три години затвор за службените лица кои при злоупотреба на службената положба прибавиле значителна имотна корист или нанеле значителна штета, но не беше предвидена горна граница. Сега, со затворска казна од една до четири години, се отвора можност многу дела побрзо да застарат.

Ставот 5 од членот 353 за Злоупотребата на службената положба и овластувања при вршење јавни набавки или на штета на Буџетот и на јавните фондови, предвидуваше најмалку пет години затвор. Во новиот закон се предвидува нов став кој единствено гласи дека „прибавената имотна корист се одзема“.

Казната за службеното лице или одговорно лице во јавно претпријатие или јавна установа кое несовесно постапува во своите овластувања и должности и со тоа прибавува значителна имотна корист или предизвикува значителна штета беше најмалку три години затвор, а со новите измени се предвидува намалување за ова дело од шест месеци до пет години затвор.

За делото Злосторничко здружување, пак, казната со постоечкиот закон е од една до десет години затвор, а со новите измени се предлагаат од една до три години затворска казна.

Експресно усвоени законските измени за пониски казни за корумпираните функционери

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...