Патека на иднината: Во Утрехт се возат велосипеди на стаза што произведува зелена енергија

Photo by jennieramida on Unsplash

Холандските власти во средата ја отворија најдолгата соларна велосипедска патека во светот, јавува весникот Индипендент. Учениците од основното училиште во село во близина на Утрехт први се провозеа по иновативната стаза, која е комбинација од превоз кој не емитува штетни гасови во атмосферата и во исто време произведува зелена енергија од обновливи извори.

Иновативната велосипедска патека е долга 330 метри, изведена е од бетонски блокови покриени со проѕирен заштитен слој кој овозможува продирање на сончевата светлина во соларните ќелии што се сместени во самата патека. За властите од Утрехт ова е пионерски чекор, кој би можел да се применува во иднина за исполнување на целите за намалување на емисиите на јаглерод диоксид. Тие сакаат да постигнат климатска неутралност, односно нулта емисија на стакленички гасови до 2040 година.

Комбинацијата на транспортот и енергетика во заедничко справување со стакленичките гасови не е за изненадување, бидејќи токму секторот енергетика и производството на енергија од фосилни горива е еден од главните произведувачи на штетните гасови. Од друга страна, Холандија е земја позната по посветеноста на граѓаните кон велосипедскиот превоз, кој е еколошки вид транспорт кој воопшто не емитува стакленички гасови во атмосферата.