fbpx

Партизаните го ослободиле Скопје од германската војска, кога Бугарија веќе била на страна на сојузниците

-

Сатирата е неопходна во секое цивилизирано и демократско општество, но преголемо симплифицирање може да доведе и до дезинформирање.

Пример за пренос на неточен историски податок преку сатира е еден од најпопуларните твитови објавени во врска со вчерашниот Ден на ослободување на Скопје на 13 ноември 1944 година. Тој потекнува од профил кој претставува пародија на премиерот Зоран Заев.

Твитот на англиски јазик, кој е исполнет со намерни печатни грешки, од прилика тврди дека „денес пред 75 години бугарските туристи од Скопје си отишле дома“.

Терминот „бугарски туристи“ се однесува на саркастичната реакција од македонски корисници на социјални медиуми кои го користеа како наводен еуфемизам за бугарската окупација на Македонија од 1941 до 1944 година. Со твитот се алудира дека партизаните го ослободиле Скопје од бугарската окупација, а всушност во тој момент партизаните се бореле против војската на нацистичка Германија.

Националистички кругови од обете страни ја подгреваат атмосферата во врска со исполнувањето на Договорот за пријаттелство, добрососедство и соработка од 2017 година кој предвидува усогласување ставови на двете држави преку Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски образовни прашања. Едно од тие прашања е и претставувањето на окупацијата на Македонија од страна на Царството Бугарија како сојузник на нацистичка Германија во текот на Втората светска војна.

Медиумските наводи за ревизија на историјата во насока на бришење на сите асоцијации со фашизмот доведоа до карикирање според кое статусот на окупаторските војници ќе требало се сведе на ниво на добронамерни „туристи“.

Историската вистина е дека Царството Бугарија ја окупирало територијата на денешна Република Северна Македонија, како и дел од териториите на соседна Србија и Грција, меѓу 6 април 1941 и 9 септември 1944 година. На заземената територија бил спроведен и Холокаустот – геноцид на скоро целото локално еврејско население.

Митинг по повод ослободувањето на Скопје. Говорникот е Лазар Колишевски (Фото: znaci.net)

На 9 септември 1944 година, по доаѓањето на Црвената Армија до нејзините граници, владата во Бугарија била сменета, а земјата престанала да биде сојузник на нацистичка Германија и станала сојузник на СССР. По промената на страните и до крајот на војната во мај 1945 година, бугарската војска учествувала во операции на страната на сојузниците, борејќи се против германската војска која останала како окупатор на Балканот заедно со советските војници и југословенските партизани.

Веднаш по капитулацијата на Бугарија, на Македонците кои биле регрутирани во бугарската армија и по процедура служеле во најисточниот дел од земјата, им било овозможено да се вратат дома и да се придружат на Народноослободителната војска на  Југославија и партизанските одреди (НОВ и ПОЈ). Два месеци подоцна, дел од нив директно учествувале во борбите за ослободување на Скопје кои завршиле на 13 ноември 1944 година.

Во борбите за Скопје од окупаторска страна учествувал 47. полк на 22. пешадиска дивизија на Вермахтот и други единици, кои поразени се повлекле во правец на Качаник.

Во меѓувреме, во септември 1944 г. и по губењето на Бугарија како сојузник, силите Хитлер се обиделе во Македонија да воспостави сателитска држава по урнекот на квислиншката „Независна Држава Хрватска“. Македонскиот протекторат во рамки на Третиот Рајх требало да го раководат домашни предавници, кои претходно ја поддржувале бугарската окупациска администрација, како назначениот скопски градоначалник Спиро Китинчев и бившиот водач на ВМРО Ванчо Михајлов. Обидот пропаднал бидејќи за тоа немало никаква поддршка од народот.

Вистината е дека, според логиката на твитот, во моментот на ослободувањето на Скопје, „бугарските туристи“ веќе биле вратени дома, односно се бореле „од наша“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Не е точно дека француски трупи пристигнале во украинскиот град Славјанск

Станува збор за некритички пренесена вест од опскурен Телеграм канал „Воена хроника“, непознат во пошироката јавност, а неговата релевантност и кредибилност се под голем знак прашалник. Оваа вест не ја...