Заменик-министерот за транспорт и врски, Беким Реџепи и министерот за животна средина, просторно планирање и инфраструктура на Република Косово, Либурн Алиу, денеска го потпишаа Договорот за кофинансирање за проектирање за изградба на тунелот на новиот патен правец Тетово – Призрен.
„Поврзувањето со Косово ќе се направи преку изградба на тунел долг 6,4 километри, за што денеска го потпишавме овој договор меѓу двете земји“, рече Реџепи. Според него, избрано е најоптималното решение бидејќи трасата поминува низ ски центарот Попова Шапка, што пак, како што тврди Реџепи е „огромна предност за развој и зголемување на туризмот во овој регион“.
Физибилити студијата покажала дека најоптимална е трасата која започнува од Тетово преку Попова Шапка, Бродец и завршува во населеното место Вешала на македонска страна, а преку тунел ќе се поврзе со територијата на Република Косово.
Како што објасни директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми, патот Тетово – Призрен ќе биде продолжение на патот до Попова Шапка, а ќе треба да се изгради уште 17-километарски пат, чие проектирање треба да почне наскоро.
„Со заедничкиот тунел што ќе го градиме а кој е 6,4 километри и кој ќе биде дел од Коридор 8 ја подобруваме патната инфраструктура меѓу соседните земји во регионот и меѓу градовите Скопје, Тирана и Приштина“, истакна директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми.
Министерот за животна средина и инфраструктура на Република Косово, Либурн Алиу истакна дека од косовска страна веќе се работи на патниот правец кој преку изградба на новиот тунел треба да се поврзе со Северна Македонија.
Сепак, Порталб.мк на неколку наврати пишуваше дека, според експертите, Владата ја избра најскапата траса за поврзувањето на Тетово и Призрен. Новинарите на Порталб.мк добија пристап до извештајот од направената физибилити студија изготвен во 2013 година. Според него, експертите посочиле дека најприфатлива е варијантата на трасата со двојно пократок тунел од 3,2 км и надморска височина од 1.520 метри.
Но, и покрај предлозите на експертите, од трите варијанти Владата ја одобри најскапата, односна варијантата со најдолг тунел.
Во анализата, исто така, пишува и дека крајната цена на патот ќе се зголеми за 3,5% до 4%, бидејќи студијата не ја опфаќа и изградбата на новиот граничен премин меѓу Северна Македонија и Косово и сите потребни објекти заедно со техничките и инфраструктурните прашања.
И покрај препораките на експертите, земјава ја одбра најскапата траса за патот Тетово-Призрен
Владата ја одбрала најскапата варијанта за патот Тетово-Призрен поради постоечката инфраструктура