Владата на Северна Македонија ја одобри трасата низ која ќе треба да минува ветениот пат Тетово-Призрен. Според физибилити студијата направена во 2013 година, должината на патот треба да биде 40,6 километри и тој ќе биде поврзан со тунел долг 6,4 километри. Избраната варијанта е поскапа од таа препорачана од експертите кои ја направија анализата за економската оправданост. Тие препорачаа дека најдобрата траса е варијантата со тунел од 3,2 километри, пишува Порталб.мк.
Според владината одлука, патот Тетово-Призрен треба да почне од Тетово, преку селата Шипковица, Бродец, Вешала и потоа да продолжи кон границата со Косово, каде што ќе биде тунелот долг 6,4 километри, а на косовска страна да продолжи преку Манастирица, Речан и сè до Призрен.
Од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) на Северна Македонија за Порталб.мк соопштуваат дека по одобрувањето на трасата, во тек се работите за програмата за проектирање.
„Што се однесува до активностите поврзани со проектот за изградба на патот Тетово – Призрен, ве известуваме дека по одобрението од Владата, Градежниот факултет веќе работи на програмата за проектирање на трасата на патот“, велат за Порталб.мк од ЈПДП.
„За понатамошно развивање на пријателските односи со Република Македонија, министерството предлага одобрување на иницијативата за склучување на договор за кофинансирање за проектирање на деталниот проект за изградба на патот Призрен-Тетово меѓу Република Косово и Република Македонија“, рече заменик министерката за животна средина, просторно планирање и инфраструктура, Линда Чавдарбаша, при предлагањето на иницијативата на владина седница.
Кога ќе започне и ќе заврши изградбата на патот?
Од време на време, и двете страни изјавуваат дека преземаат одредени чекори за овој проект, но ниту една од нив не го кажува она што сакаат да го слушнат граѓаните – кога ќе почне изградбата на патот и кога тој ќе биде завршен.
Партиските функционери на Ветевендосја (Самоопределување), вчерашното одобрување на Владата на Косово го крунисаа како „продолжение на исполнувањето на ветувањата“, иако ова ветување нема ниту почеток ниту крај.
Не се знае точно колку ќе чини овој пат. Косовската страна изјави дека патот од нивна страна може да чини околу 150 милиони евра, додека пак од страната на земјава никогаш не дадоа конкретна бројка.
Во недостиг на конкретни податоци, двете држави од време на време „слават“ за одобрувања на различни процедури, кои треба да бидат во позадина и она што треба да го видат граѓаните е градежната машинерија на терен.
Експертите за економската оправданост во физибилити студијата на Владата на Република Северна Македонија и предложија една поинаква варијанта.
Порталб.мк има пристап до физибилити студијата и ги анализираше варијантите на трасата од тоа каде треба да започне и каде завршува патот. Имаше вкупно 6 варијанти. Експертите препорачале да се предложат 3 и од нив да се избере 1.
Во главниот извештај за физибилити студијата изработен во 2013 година, во делот на економската оправданост е наведено дека на 25.02.2013 година е одржана средба помеѓу претставниците на ЈП за Државни патишта на Македонија, Комисијата за ревизија на Проектот, авторот на проектантската задача и обработувачот на оваа студија во која е одлучено да се предложат три варијанти. Според економската анализа, трите варијанти имаат висока вредност на IRR или внатрешна стапка на поврат (NPV).
Експертите оцениле дека најповолна варијанта е варијантата со тунел со должина од 3,2 километри и надморска височина од 1.520 метри, со IRR од 25,556% и NPV од 453,22 •106€.
„Предност на варијантата 2 во однос на варијантата 3 која има IRR 23,388 и NPV 414.44•106€ со тунел со должина од 1.8 километри и надморска висина од 1.732 метри е надморската висина – потешко за одржување во зимскиот период. Предноста на варијантата 2 наспроти варијантата 1 со IRR 20,90% и NPV 424,32•106€ со тунел со должина од 6,4 километри и надморска висина од 1.194 метри е тоа што таа е многу скапа”, се вели во анализата за економската оправданост на физибилити студијата.
Но, и покрај предлозите на експертите, од трите варијанти Владата ја одобри најскапата, односна варијантата со најдолг тунел.
Во анализата исто така пишува и дека крајната цена на патот ќе се зголеми за 3,5% до 4%, бидејќи студијата не ја опфаќа и изградбата на новиот граничен премин меѓу Северна Македонија и Косово и сите потребни објекти заедно со техничките и инфраструктурните прашања.
Тие 2014 година ја одобриле како прва година за изградба, а 2018 година како прва година за експлоатација.
Патот Тетово-Призрен ДУИ го вети на четири парламентарни избори
Иако изградбата на патот требаше да започне во 2014 година и да заврши во 2018 година, албанската партија на власт, ДУИ, со години ја ветуваше изградбата на овој пат. Порталб.мк направи еден преглед на ветувањата низ годините, иако оваа партија веќе ги има избришано предизборните ветувања од нивната веб страна:
- 2011
Програма „Заедно кон целта“, 2011:
Патот Тетово-Призрен. Физибилити студија за анализа на можноста за еден нов пат кој може да ги поврзе овие две места и за економската оправданост.
- 2014
Предизборна програма 2014:
Патот Тетово-Призрен. Завршена првата физибилити студија за овој пат. Врз основа на резултатите од студијата во соработка со Република Косово ќе се разгледаат најисплатливите економски алтернативи.
- 2016
Избори 2016 година: Во предизборната програма на ДУИ за парламентарните избори 2016 година, во делот за „Tранспорт” (страна број 3) е даденото ветување за изградбата на патот Тетово-Призрен.
- 2020
Предизборна програма на ДУИ, Парламентарни избори 2020 година:
Патот Тетово – Призрен. Овој проект ќе вреди 40-60 милиони евра, средства кои ќе бидат обезбедени од државниот буџет и од Светската Банка. Реализацијата на овој проект ќе има големо влијание врз економскиот развој на областа, трговската размена меѓу двете земји, побрз пристап до морето (пристаништето Лежа и Драч), развојот на туризмот во Попова Шапка, итн.
Ветувања од сите страни
Инаку, на 17 септември 2021 година премиерите на Северна Македонија и Косово, Зоран Заев и Албин Курти потпишаа „Меморандум за разбирање“ во врска со ветениот пат Тетово-Призрен, кој е дел од ветувањата цели десет години. Порталб.мк го обезбеди оригиналниот документ на меморандумот кој содржи 6 члена.
Премиерот на Косово, Албин Курти, заедно со кандидатот за градоначалник на Општина Призрен од редовите на Самоопределување, Мутахер Хаскука (кој не победи на изборите) на 13 ноември за време на предизборната кампања објавија едно видео во кое го претставуваат проектот за патот Призрен-Тетово, чија изградба ќе заврши во рок од 2-3 години.
„Заедно со Владата на Северна Македонија се договоривме оваа година да го проектираме патот, а следната година да го реализираме во целост. Можеби за две-три години ќе патуваме заедно од Призрен до Тетово само на кафе“, вети Курти.
На 28 ноември 2021 година, во едно интервју за Порталб.мк, директорот на ЈП за државни патишта на Северна Македонија, Ејуп Рустеми, изјави дека рокот за почеток на работите ќе биде тесно поврзан со варијантата што ќе ја предложи и одобри Владата на Република Северна Македонија, и откако Комисијата формирана за овој проект донесе адекватна предлог – одлука. Потоа следува огласот за избор на Идејниот проект и составувањето на Инфраструктурниот и основниот проект.
По заминувањето на Заев од премиерското место, неговиот наследник, Димитар Ковачевски, при средбата со Амбасадорот на Република Косово, Флоријан Ќехаја, во месец август најави дека до крајот на 2022 година ќе се оддржи еден состанок меѓу Владата на Република Косово и на Република Северна МАкедонија. Но, овој состанок се уште не е оддржан.
Што се однесува до патот Тетово-Призрен,во „Бомбата број 38” објавена кон средината на месец јуни 2015 година, поранешниот заменик министер на транспорт и врски на Македонија, Тахир Хани, од редовите на Демократската Унија за Интеграција можеше да се слушне како бара од Али Ахмети, лидерот на ДУИ, да интервенира кај поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиевски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кој не сакал да слушне за физибилити студијата, за ова предизборно ветување на Ахмети.
Сегашниот пат од Тетово до Призрен е долг 109 километри, а со новиот пат се предвидува да се скрати за 69 километри.