Отворена изложбата „Дефрагментација“ за одбележување на шест децении од земјотресот

Изложбата е резултат на заедничката соработка на амбасадите на земјите од Вишеградската група и скопскиот Музеј на современата уметност

фото: Министерство за култура

Во присуство на бројни гости и почитувачи на уметноста, синоќа во Музејот на современата уметност – Скопје (МСУ – Скопје) беше отворена изложбата „Дефрагментација“ со дела од колекцијата на МСУ – Скопје, подарени од уметници од Чешка, Унгарија, Полска и Словачка.

Изложбата е резултат на заедничката соработка на амбасадите на земјите од Вишеградската група и скопскиот Музеј на современата уметност. Со изложбата се одбележуваат и 60 години од катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје во 1963 година.

Во своето поздравно обраќање, министерката за култура Бисера Костадиновска- Стојчевска истакна дека оваа изложба е доказ за едно долготрајно пријателство помеѓу нашата земја и земјите од Вишеградската група.

„Изминативе години поминавме низ многу транзиции и реформи на нашите општества, но во тие трансформации, земјите од Вишеградската група се цврста поддршка во создавањето и на современ и проевропски Западен Балкан“, рече Костадиновска- Стојчевска.

Министерката додаде дека соработката во културата е можеби и првата што го движи напред моторот на евроинтеграциските процеси. Таа истакна оти изложбата е потврда дека вредностите за кои денес зборуваме се, всушност, поставени многу одамна.

„Подигнување на духот на една земја и на разрушениот град преку подарување на уметнички дела претставува висок чин на хуманост. Делата на уметниците од Чешка, Полска, Унгарија и Словачка се дел од меморијата на Скопје и на изградбата и развојот на овој музеј“, рече Костадиновска- Стојчевска.

На изложбата присуствуваа и амбасадорите на Словачка, Полска, Чешка и Унгарија, со чија финансиска поддршка се реализира ликовното претставување.

Во МСУ се изложени 96 дела од 86 уметници, односно претставен е избор од слики, скулптури и графики кои се создавани во периодот од 1905 до 1989 година. Овие дела претставуваат репрезентативен преглед на достигнувањата во уметноста на повеќе генерации уметници од земјите од Централна Европа.

Куратори на изложбата, која ќе биде достапна до 15 септември годинава, се Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец.