Отворен конкурсот за стипендијата „Борис Трајковски“ за втор циклус студии

Фото: Element PR and Corporate Communication

Отворен е конкурсот за доделување стипендии „Борис Трајковски“ за студии од втор циклус на извршната МБА програма на Универзитетот Јорк за академската 2022/2023 година.

Стипендијата „Борис Трајковски“ е заедничка понуда од Европскиот Кампус на Универзитетот Јорк, СИТИ Колеџ, Претседателот на Република Северна Македонија и Министерството за образование и наука и се доделува на вкупно 20 студенти за вонредни двегодишни студии.

Учесниците можат да изберат една од шесте достапни специјализации, МБА по Општ менаџмент, МБА во Маркетинг, МБА во Финансии, МБА во Логистика и менаџмент, МБА во Управување во здравство и МБА во Управување со човечки ресурси.

Со аплицирање и стекнување на стипендија, кандидатите ќе студираат според Пан-европската извршна МБА програма и ќе имаат можност да се стекнат со двојна диплома, од Сити колеџ, Европскиот кампус на Универзитетот Јорк и од Факултетот за економија и менаџмент на Универзитетот во Стразбур.

И двете образовни институции што ја доделуваат двојната диплома се високо истакнати и рангирани во научниот свет, Универзитетот Јорк е врвен британски универзитет рангиран на 151 место во светот според QS World University Rankings за 2022 година и Универзитетот во Стразбур претставува престижен француски универзитет од каде имаат произлезено 18 научници наградени со Нобелова награда.

Паневропската МБА програма е една од 300те програми акредитирани од Здружението на МБА програми (AMBA) и од Институтот за менаџмент, од Велика Британија (CMI), а вредноста на оваа извршна МБА програма во академскиот свет ја потврдува и заедницата од приближно 4000 учесници и дипломци досега.

Сите заинтересирани кандидати можат да конкурираат преку овој линк, најдоцна до 23 септември.