Осум години празни ветувања за изградба на основно училиште во Мала Речица

Цели осум години беше ветувано, а договорот е потпишан само пред еден месец, додека работите за изградба на основното училиште во Мала Речица сè уште не се ниту почнати. Во договорот јасно стои дека работите треба да бидат завршени во рок од 11 месеци од денот кога ќе започнат, меѓутоа тој ден не е прецизиран. Државниот секретар во Министерството за информатичко општество јавно му вети на новинарот на Порталб.мк дека градежните активности за изградба на ова училиште треба да почнат најдоцна до 8 јуни, сепак, ова не се случи, пишува Порталб.мк.

Секој изборен циклус се актелизира темата за основното училиште во Мала Речица. Но, темата се заборава во истиот момент кога завршуваат изборите и така ова училиште наврши цели осум години од времето кога беше ветено од страна на најголемиот албански политички субјект во земјава, Демократската Унија за Интеграција (ДУИ).

Програмата за 2013 година на тогашната кандидатка за градоначалник на Општина Тетово, Теута Арифи, ја предвидуваше изградбата на основното училиште „Наим Фрашери” во Мала Речица. Тоа не се случи.

Откако ветеното училиште во 2013 година не беше реализирано, градоначалничката Арифи истото ветување го даде и во текот на кампањата за локалните избори за 2017 година во дебатата „Вистинска Дебатa” организирана од Порталб.мк.

Новинарката Јета Џара: Колку пати сте ја ветиле изградбата на училиштето во Мала
Речица?
Теута Арифи: Сум го ветила еднаш, толку пати ветува човек, не повеќе.
Новинарката Јета Џара: Дали повторно го ветувате истото?
Теута Арифи: Апсолутно да.
Новинарката Јета Џара: Дали ветувате дека ќе го довршите училиштето или за дозволите?
Теута Арифи: Ветувам дека ќе биде завршено, бидејќи буџетирањето нема да биде од
Општина Тетово.

Иако поминаа 3 години и воопшто не се спомна изградбата на ова училиште, неколку дена откако беше договорено предвремените парламентарни избори да се одржат во април, министерот за образование, Арбер Адеми, на социјалната мрежа Фејсбук го објави договорот за изградба на училиштето.

Според овој договор беше предвидено училиштето да биде отворено во септември 2021 година. Меѓутоа, со одложувањето на изборите од април наваму, цели пет месеци ниту збор не беше кажан јавно за изградбата на ова училиште.

Веднаш откако Порталб.мк информираше дека работите за основното училиште во Мала Речица сè уште не се започнати, министерот за образование и наука, Арбер Адеми, на Фејсбук информираше дека ја потпишал одлуката за избор на компанијата за изградба на новиот објект на основното училиште „Наим Фрашери”.

„Денес со огромно задоволство ја потпишав Одлуката за избор на Економскиот оператор (Компанијата) со најевтината понуда за изградба на новата училишна зграда за учениците на ООУ „Наим Фрашери”, во Мала Речица, општина Тетово. Градежните работи започнуваат наскоро!” напиша министерот на Фејсбук.

А токму на тој ден државниот секретар во министерството за информатичко општество на новинарот на Порталб.мк на Фејсбук, му рече дека работите за ова училиште ќе почнат најдоцна на 8 јуни, и дека ова е веќе „завршена работа”.

„Почитуван, за Ваше информирање а и на пошироката јавност, постапката за основното училиште во Мала Речица веќе е завршена, направен е изборот на економскиот оператор кој ќе ја изведе изградбата на училиштето, министерот за образование г. Арбер Адеми ја потпишал одлуката за избор на економскиот оператор, рокот за поплаки продолжува да тече додека Ви пишувам! Во рок од 10 дена почитувајќи ги сите законски постапки, оваа одлука ќе биде полноважна! Уште еднаш Ве информирам дека многу наскоро, не повеќе од 12 дена ќе ги видите градежните работи во оваа локација” му се рече државниот секретар на новинарот на Порталб.мк.

Бевме на терен да провериме дали се започнати активностите за изградбата на ова училиште и очигледно е дека активностите сé уште не се започнати, а локацијата каде треба да се изгради училиштето е во катастрофална состојба.

Контактиравме со Министерството за образование и наука за да добиеме одговор во однос на тоа кога е предвидено да се започнат градежните активности, но не ни одговорија. Покрај тоа, еден од одговорните, Флорентин Муртези не одговара на нашите телефонски повици, ниту одговара на пораките од нашата редакција, ниту пак на службената имејл адреса на министерството, што е пример на нетранспарентно функционирање. Инаку, изградбата на основното училиште во Мала Речица, Тетово, е голема потреба за младите во оваа населба каде околу 1.000 ученици следат настава во училиште оддалечено неколку километри од нивните домови, во Голема Речица или во Тетово.