fbpx

Контраспин: Уште ќе го возиме стариот пат до Охрид, власта допрва ќе барала нов изведувач

Неспорно е дека автопатот Кичево-Охрид, долг 57 километри се гради премногу долго, речиси една деценија, а досега се пуштени во употреба под времен режим само 8,5 километри (делницата меѓу Требеништа и Охрид) и излегува дека во просек годишно се финализирал само еден километар од автопатот

-

Автопатот Кичево-Охрид навистина се гради речиси една деценија и после безброј анекси и ветувања сѐ уште се возиме по гужвите по стариот пат. Само, неразбирливо е зошто дури сега премиерот реши да бара ревизија на проектот и раскинување на договорот со изведувачот, кинеската компанија „Синохидро“. Зарем сега, неколку месеци пред избори ги забележа „дупките на патот,“ заедно со оние во проектот, како и пропустите кај изведувачот? Ковачевски, но и Груби, кој, исто така, е разочаран од динамиката на градба, можеа и досега да иницираат ревизии, па и смена на изведувачот. Се наметнува и дилемата дали државата би плаќала пенали кон кинеската компанија, но и кој би бил новиот изведувач?, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Премиерот Димитар Ковачевски деновиве, најавувајќи дека ќе бара ревизија на проектот и раскинување на договорот за изведба на автопатот Кичево–Охрид, ја спинуваше вистината:

Спин: Сметам дека е недозволиво еден автопат од 40 километри да се гради над десет години и сè уште да не биде направен, притоа да се бара повторно продолжување што треба да оди пред пратениците. Од таа причина ќе побарам ревизија на овој проект, и со оглед на тоа што проектот од низа на причини не е завршен десет години, сметам дека треба да се размислува и во насока на раскинување на договорот и барање изведувач што ќе го изгради на квалитетен начин, а не да гледаме десет години да се прави пат, да се инвестираат пари, а да нема досега пуштен ниту еден метар од автопатот.

[Извор: МКД, Тајм.мк – датум: 02.11.2023]

 

Контраспин: Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, ова го кажа во Охрид во рамки на Првата конференција за патна инфраструктура – Искуства, предизвици и перспективи. Автопатот Кичево–Охрид навистина се гради речиси една деценија и после безброј анекси и ветувања сѐ уште се возиме по гужвите по стариот пат. Само, неразбирливо е зошто дури сега премиерот реши да бара ревизија на проектот и раскинување на договорот со изведувачот, кинеската компанија „Синохидро“. Зарем сега, неколку месеци пред избори ги забележа „дупките на патот“, заедно со оние во проектот, како и пропустите кај изведувачот? Додуша премиерот во јануари годинава на социјалните мрежи во пропагандно видео, во чиј опис стои дека „во последните пет години се изградени 1.300 километри нови патишта“, се пофали дека е изграден и автопатот Кичево–Охрид?! Што во најмала рака делува некако чудно.

 

Кога се стопи оптимизмот?

Нецели два месеца претходно (18.11.2022), Ковачевски правеше увид во градежните работи на тунелот Кичево–Охрид и рече дека изградбата на автопатот ќе се интензивира во наредниот период, па тој очекува до крајот на идната година (2023) целосно да завршат градежните работи:

Десната автопатска лента од Требениште кон Охрид е завршена и пуштена за сообраќај под времен режим освен кај Подмоље каде се одвиваат градежните работи за колекторскиот систем.

Овој пат, мора и ќе добие на динамика затоа што инфраструктурата значи интензивирање не економските релации, и ние мора да вложуваме во патна инфраструктура ако сакаме развој на економијата….

Завршувањето на овој патен правец е приоритет и за Владата, но и задача за Министерството за транспорт и врски и за ЈПДП. Очекувам до средината на идната година да се оспособи левата лента за сообраќај со околу 90 отсто, за да можат граѓаните да ја користат, а министерот за транспорт има задача секојдневно да се грижи, да биде фокусиран за да се исполни рокот до крајот на идната година да се завршат целосно градежните работи (18.11.2022).

Тогаш, исто така, беше кажано дека се финализираат асфалтните работи на тунелот на автопатот Кичево–Охрид, дека се пробиени 95 проценти од трасата, а на терен се работи со над 800 работници и околу 400-тини машини.

На овој настан, од кој беа испратени оптимистички пораки за финализацијата на автопатот, присуствуваше и првиот заменик-претседател на Владата, Артан Груби (ноември 2022 година).

Но, сега Груби, исто како и Ковачевски, е разочаран, како што вели, што и „по 10 години ниту еден метар не е пуштен во употреба“. Тој од говорницата на Првата конференција за патна инфраструктура во Охрид, упати сериозни забелешки за изведувачите и за надзорот, рече дека треба да сносат одговорност за неуспехот на овој проект, па сугерираше да се покрене и кривична постапка. Груби го повика премиерот и побара да се раскине договорот со изведувачот, бидејќи е недозволиво тоа што се случува на терен:

Истекува рокот до крајот на годината и сметам премиере дека е крајно време и Владата и Собранието, да го разгледа тој договор, па ако треба и нека се прекине и нека се даде на друг. Затоа што ова веќе е скандалозно и апсолутно неприфатливо. Нашиот мандат е година, две, три, четири максимум, ако не испорачаме во мандатот, нас не носат дома. Но, треба да ги носат дома и тие што при проектирање грешат и да се започне кривична постапка за погрешно проектирање. Единаесет нови свлечишта на Кичево-Охрид, Тоа е неприфатливо.

 

Во оваа прилика Груби со доза на констернација уште констатира :

Ни помина животот чекајќи да се завршат проектите!

Неспорно е дека автопатот Кичево-Охрид, долг 57 километри се гради премногу долго, речиси една деценија, а досега се пуштени во употреба под времен режим само 8,5 километри (делницата меѓу Требеништа и Охрид) и излегува дека во просек годишно се финализирал само еден километар од автопатот.

Сепак,  Ковачевски и Груби, можеа и досега да иницираат ревизии, па и смена на изведувачот, доколку сметаа дека тоа е решението да „пркне“ автопатот. Партијата на Груби беше дел од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во чиј мандат почна изградбата на автопатот. Во периодот од април 2014 година до 2020 година тој во два наврата беше пратеник во  Собранието, а од 30 август 2020 година ја извршува функцијата прв заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците. Така што, Груби имал механизми да поттикне, иницира постапки кои би довеле до придвижување на изградбата на автопатот, па и смена на изведувачот.

Исто и Ковачевски имал можности порано да реагира за да се забрза процесот на изградбата. Тој е на премиерската позиција од 16 јануари 2022 година, а претходно – од 23 септември 2020 година беше заменик-министер за финнанси. Па, несомнено можел да ги увиди сите недостатоци за кои сега говори. Ама, тој и министрите во неговата Влада (Благој Бочварски) ширеа оптимизам дека до крајот на оваа година ќе се возиме по нов автопат.

 

Анегдотата на Груби

Што се однесува до иницирањето на некаква кривична постапка, тоа во нашата македонска реалност делува некако депласирано и не остава простор за надеж дека би резултирала со конкретна одговорност. Особено кога се знае како завршија кривичните постапки за случаите инспирирани од прислушуваните разговори, вклучително и предметот „Тракеторија“ кој го отвори тогашното СЈО, а се однесуваше на постапката за избор на кинеската компанија „Синохидро“ за изградба на автопатиштата Миладиновци-Штип и Кичево–Охрид.

А, како своевидна иронија, токму кога Груби во Охрид говореше за покренување кривична постапка за погрешното проектирање на автопатот, во Скопје застаре овој предмет во кој беа обвинети експремиерот Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, ексдиректорот на ЈП за државни патишта Љупчо Георгиевски и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески. Поради измените во Кривичниот законик, судот донесе решение да запре кривичната постапка против нив за „злоупотреба на службена положба и овластување“, како и обвинителниот предлог против Груевски за „примање награда за противзаконито влијание“.

Останува и дилемата дали поради евентуалното раскинување на договорот со „Синохидро“, државата би плаќала пенали кон кинеската компанија, но и која би била новата компанија која би го доградила автопатот.

Можеби се работи за коинциденција, но Груби во Охрид раскажа една анегдота и откри дека кога ги почнале преговорите со „Бехтел и Енка“ тие се обложиле дека побрзо ќе ги завршат делниците на коридорите 8 и 10, од кинескиот автопат

Мислев, дека се шегуваат. Испадна дека ќе е вистина тоа, рече Груби.

Фото: vlada.mk

Градежните работи на овoj автопат започнаа во февруари 2014 година и според првичните планови тој требаше да биде готов до февруари 2018 година. Но, изградбата се пролонгираше, а во меѓувреме се смени и власта. Според надлежните институции, пролонгирањето главно се должи на пропусти во проектирањето, поради што имаше препроектирање и допроектирање на недостатоците во проектната документација. Со анекс на Договорот рокот за изградба најнапред беше продолжен до 30 јуни 2021, а потоа рокот беше повторно пролонгиран за уште две години, односно до крајот на 2023 година. Според првичните проценки изградбата на автопатот од Кичево до Охрид требаше да чини 374 милиони евра, но по многубројните дополнителни анекси достигна речиси 600 милиони евра.

Пишува: Оливера Војновска

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...