Министерот за надворешни работи Бујар Османи ги повика институциите да се организираат и до 12 февруари да се издадат колку што може повеќе пасоши, а решение за оние што ќе останат со несменети пасоши ќе се бара на 13 февруари.
„Средба или дополнителна комуникација со грчките власти ќе нема, иако официјална Атина има разбирање за состојбите. Преземените обврски од Преспанскиот договор мора да се исполнат“, дециден беше Османи.
Тој додаде дека наместо да се концентрираат на давање лажна надеж на граѓаните дека ќе се сменат одредбите од Преспанскиот договор или дека ќе се смени Законот за спроведување на уставните амандмани, треба да се работи граѓаните да немаат пречки по 13 февруари.
„Сметам дека некоректно е сега да им испратиме порака на граѓаните ‘седете вие без грижа затоа што ние ќе средиме и на крајот да им кажеме – не, не успеавме’. Се обидувам да бидам брутално искрен, меѓутоа покоректно е да сум сега отколку после тоа граѓаните да останат на граничните премини и на некој начин ние да сме причина за тоа“, рече министерот Османи.
Тој додаде дека Грција има целосно разбирање за техничките аспекти од процесот и било разговарано за сите детали, вклучително и за тоа колку часови луѓето чекаат.
„И покрај разбирањето од грчката страна, очигледна е обврската од меѓународниот договор и таа останува“, вели тој.
Вчера МВР извести дека личните карти кои се важечки, а се со старото име на државата, ќе продолжат да важат и по 12 февруари, но според изјавата на Османи, тоа не е случај и со пасошите.