Фото: Арбнора Мемети

Денеска во Кривичен суд, одбраната во завршни зборови за „Монструм“ изјави дека  обвинителството не обезбедило доволно докази за овој случај и има само голи индиции и не ги докажува претпоставките за можен мотив.

„Дека ова е целосно ксонструиран слуачај не е наша констатација, туку тоа е констатирано и во извештајот на Прибе, а се зборува и во американскиот Стејт департмент,“ изјави бранителот Насер Рауфи.

Според него, овој случај ќе има подалекусежни последици, бидејќи шест невини лица беа осудени на доживотен затвор.

„Овој случај се водеше по стариот ЗКП и сметаме дека многу наши докази и предлози беа одбивани, а обвинителите беа многу попривилегирани. Да се водеше овој случај по новиот ЗКП ќе имавме право и ние да предлагаме и даваме вештачења и докази. Ова го наведувам од причина што како бранители сме длабоко убедени дека се работи за исконструиран случај,“ рече Рауфи.

Адвокатката на семејството Тричковски, чиј што син беше убиен, Дафинка Ивановска рече дека „цели три години се одржуваа рочишта, се слушаа бомби но не се утврдија некои факти, освен што се одржаа многу рочишта и се одзеде многу време за да се донесе пресуда.“

Во интервју за Дојче Веле, републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески пак рече дека не се согласува со констатацијата дека „при повторената постапка не се доби ништо ново освен нападите врз јавните обвинители кои го застапуваат обвинението, од причина што за еден обвинет е повлечено обвинението, а за другите обвинети прецизирани се дејствијата од кривичното дело и се подведени под соодветна правна квалификација.“

Минатата недела беше организиран протест за случајот „Монструм“ каде организаторите побараа разрешување на обвинителката Фатиме Фетаи, откако таа на повтореното судење за случајотпобара за тројца од обвинетите доживотни казни затвор, за двајца долгогодишни казни затвор, додека за еден обвинет побара ослободителна пресуда.

Инаку случајот „Монструм“ се однесува на петкратното убиство кај Смилковското езеро на 12 април 2012 година. На лице место беа убиени четири момчиња на возраст од 18 до 21 година од населбата Радишани: Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски и 45-годишниот Борче Стевковски од селото Црешево.

Во претходна постапка за овој случај на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост.

По ова, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење. По згаснувањето на СЈО предметот е повторно во рацете на Јавното обвинителство. Судскиот процес го води судијата Огнен Ставрев, а застапници на обвинението се обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.