Фото: Арбнора Мемети

Организаторите на протестот за случајот „Монструм“ попладнево побараа разрешување на обвинителката Фатиме Фетаи, откако таа на повтореното судење за случајот „Монструм“ побара за тројца од обвинетите доживотни казни затвор, за двајца долгогодишни казни затвор, додека за еден обвинет побара ослободителна пресуда.

Протестот почна во паркот во Чаир, а заврши пред зградата на Министерството за надворешни работи. Полицијата не дозволи демонстрантите да се доближат до седиштето на Обвинителството, па така дел од демонстрантите својот револт го искажаа со фрлање камења кон зградите на МНР и на Министерството за политички систем, но и кон бројните полициски сили.

Пред зградата на МНР, на демонстрантите им се обрати Бедри Ајдари, роднина на еден од обвинетите во случајот „Монструм“. За тензичната атмосфера, тој изјави дека на протестот има присутни лица на кои им се случиле навреди и неправди во повеќе случаи, па така секој си има свои емоции.

Тој го потврди ставот дека во случајот „Монструм“ се гонат невини луѓе, а убиството кај Смилковско езеро го спореди со убиството на српски деца во Пеќ во 1998 година, за кое Ајдари посочи дека било дело на тогашниот началник на српската државна безбедност Раде Марковиќ, со цел делото да им се припише на Албанците. Тој во изјава за медиумите рече дека и тука некој наредил да се убијат пет македонски државјани од македонска националност за да ги најдат после и да ги обвинуваат Албанците, за да се држи контролиран конфликт.

Ајдари рече дека немале никогаш проблем со никого, вклучувајќи ги и Македонците, а нивните семејства не се едуцирани за да убиваат некого, а најмалку да направат терористички чин. Ајдари го осуди убиството кај Смилковско езеро.

„Знаеме дека правниот систем во Македонија од поодамна е корумпиран и се озборува и во Европа и насекаде. Имаме пример и од Прибе и од сите луѓе, кои укажуваат дека не ви работи и не ви чини правниот систем“, рече Ајдари.

Помала група на демонстранти, откако заврши протестот, превртија контејнери на булеварот „Крсте Мисирков“ кај трговскиот центар „Мавровка“.

Јавниот обвинител Љубомир Јовески, за „Фокус“ изјави дека и покрај навредите и заканите кон обвинителката, засега нема потреба од физичко обезбедување на обвинителката Фатиме Фетаи.

Случајот „Монструм“ се однесува на петкратното убиство кај Смилковското езеро на 12 април 2012 година. На лице место беа убиени четири момчиња на возраст од 18 до 21 година од населбата Радишани: Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски и 45-годишниот Борче Стевковски од селото Црешево.

Во претходна постапка за овој случај на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост.

По ова, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење. По згаснувањето на СЈО предметот е повторно во рацете на ЈАвното обвинителство, судскиот процес за „Монструм“ го води судијата Огнен Ставрев, а застапници на обвинението се обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски. Следното судско рочиште за „Монструм“ е закажано за 3 февруари, кога одбраната на обвинетите треба да изнесе завршни зборови.