fbpx

Одбележан Денот на Армијата: Членството во НАТО ни овозможува да издржиме бројни геополитички кризи

„Македонските граѓани денес се посигурни поради безбедносниот штит на НАТО Алијансата, а најистурен дел од тој штит се припадниците на Армијата“, рече претседателот Стево Пендаровски

-

Корупцијата, непотизмот и криминалот се најголемата закана за безбедноста на државата. Нашите вредности се демократијата и владеењето на правото, а за тоа имаме поддршка од мнозинството граѓани. Преговорите за членство во ЕУ можат само да помогнат во овој поглед. Да се ​​надминат политичките разлики, да се угледаме на Армијата и да се обединиме за безбедна, стабилна и просперитетна европска Македонија, порача денес претседателот на Северна Македонија и врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски во својот говор по повод Денот на Армијата.

Тој истакна дека македонските граѓани денес се посигурни поради безбедносниот штит на НАТО Алијансата, а најистурен дел од тој штит се припадниците на Армијата и дека во следните десет години мора да државата да издвои 955 милиони евра за модернизација и опремување на АРМ.

„Мораме да продолжиме да инвестираме во нашата одбрана и безбедност, во нашите ресурси за сопствена безбедност. Нашата цел е да имаме модернизирана армија за одбрана на татковината. Членството во НАТО ни овозможува да издржиме бројни геополитички кризи. На многумина им е полесно кога една мала држава се справува со сите закани заедно со 30 други земји членки на НАТО“, рече Пендаровски.

Претседателот во својот говор се осврна и на, како што рече, втората голема закана за човештвото, а тоа се природата, климатските промени, опасноста од суши, поплави, лизгање на земјиштето и епидемии.

„Практично во секоја кризна ситуација АРМ е вклучена. Но, овој ангажман не е ограничен само на територијата на Македонија. Годинава испративме војници во Турција, по силниот земјотрес во февруари, а во моментов имаме 100 војници во Словенија кои помагаат да се санираат штетите од поплавите во Словенија. Без одлагање одговоривме и испративме екипи и во Турција и во Словенија. Затоа денеска на припадниците на АРМ им додели Медал за учество во хуманитарна или мировна операција надвор од државата“, рече Пендаровски.

Премиерот Димитар Ковачевски рече дека вооружените сили носат две важни нишки во нашето постоење, првата е што отворија мирен пат за наша независност и суверенитет, втората што децении беа најголем амбасадор на нашата држава на меѓународен план се до остварување на нашата прва стратешка цел-членството во НАТО.

„Како членка на НАТО денес Армијата на Северна Македонија придонесува во операциите на мисиите за поддршка на мирот. Ги промовирате заедничките вредности во Алијансата, придонесувате за заедничката надворешна и безбедносна политика, истовремено развивајќи ги капацитетите на нашата Армија“, рече Ковачевски.

Тој додаде дека Владата е посветена и даваа поддршка на она што го прави Армијата на Северна Македонија.

„Владата предводена од СДСМ и коалиционите партнери во изминативе години направи видливи резултати и огромни чекори без разлика дали станува збор за законодавна рамка, стратегија или организациски сегмент во работењето на Армијата“, рече премиерот и истакна дека на последниот Самит на Алијансата, беше донесена и одлука да ги усвоиме новите регионални планови за колективна одбрана и брз одговор на заканите преку копно, вода и воздух.

„Ова е генерациска трансформација што долгорочно ќе го зајакне НАТО, а со тоа и нашата одбрана и Армијата како таква.Прашањето за глобална безбедност, безбедноста на европскиот континент е едно од капиталните прашања за денешницата, независно дали станува збор за конвенционални или хибридни закани“, рече Ковачевски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата насилно го задуши про-палестинскиот протест на Универзитетот Калифорнија

Стотици полицајци влегоа на кампусот на Универзитетот Калифорнија (УКЛА) денес во обид да го расчистат про-палестинскиот протестен камп, кој вчера беше нападнат од израелски поддржувачи, пишува Гардијан. Се проценува дека...